Емитер 7-8/2013.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Одвреме-навреме во огромното космичко пространство се случува некоја мистична голема експлозија која, на овој или оној начин, го осветлува ноќното небо и ја протресува астрономијата. Ова беше случај и при откривањето на пулсарите и при откривањето на изблици на гама-зраци. Пред околу шест години беше детектиран сосема нов вид експлозии на радиоемисии со непознато потекло. Неодамна тим од астрономи во списанието Science ги објавија заклучоците во врска со оваа појава, но дефинитивен одговор на загатката сè уште нема, барем засега.
Брзите изблици на радиоемисии доаѓаат некаде од најдалечните краеви на вселената – нивниот извор веројатно е оддалечен од нас околу 6 до 11 милијарди светлосни години. Не траат многу долго, само околу илјадити дел од секундата. Но, овие изблици на радиоемисии се случуваат постојано, и до 10 000 пати во текот на едно деноноќие. Создаваат интензивен изблик на радиобранови, но ништо друго – нема светлина, нема x-зраци, нема други видливи докази. И токму поради ова, досега останаа речиси незабележани, при што никој не беше сигурен ни дека навистина постојат.
Првична детекција
Приказната започнува во 2007. година, кога еден тим астрономи сосема случајно налетаа на првите показатели за брзи изблици на радиоемисии додека ги анализираа архивските податоци од радиотелескопот Паркс во Австралија. Интересот на астрономите го побуди настан кој се случил ноќта на 24 август 2001. година, кога изблик во времетраење од, сѐ на сѐ, 5 милисекунди бил регистриран во навидум празен регион на небото во близина на Малиот Магеланов облак, џуџеста галаксија за која се смета дека орбитира околу Млечниот Пат.
Испитувајќи ги подетално податоците, водачот на тимот, Данкан Лоример, инаку астрофизичар од Универзитетот на Западна Вирџинија, открил нешто чудно во поглед на распространетоста на изблиците ширум брановите должини. Имено, краткобрановите компоненти на детектираниот сигнал пристигнале до телескопот за дел од секундата побргу од светлината со подолга бранова должина, ефект кој најверојатно се должи на поминувањето на сигналот низ електроните од облаците на ладна плазма, кои го исполнуваат просторот помеѓу ѕвездите и галаксиите. Притоа колку е поголема разликата помеѓу пристигнувањето на кратките и пристигнувањето на долгите бранови од радиоемисијата, толку повеќе електрони тие пресретнале по пат, што значи и дека тие изминале подолг пат. Кога конечно ги средиле пресметките, Лоример и неговите колеги биле шокирани од резултатите кои укажувале на тоа дека изворот на избликот се наоѓа на оддалеченост од неколку милијарди светлински години!
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 7-8/2013. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.