Рубрика: Електроника
Работно место на хоби-електроничар
Автор: Петар Аврамовски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 7-8/2012.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Ако немате идеја како, а сакате да го осмислите и да го организирате работното место за вашето омилено хоби (електроника), на вистинско место сте. Богатата стручна литература и неопходната збирка електронски компоненти на дофат, дигиталните и аналогните инструменти за различни мерења, големиот број различни алати за електроника и прецизна механика, електричната станица за класично лемење и лемење со топол воздух, работната маса и, секако, неговото "височество" – команден пулт за електроника со право наречен "Success", се само дел од прекрасните атрибути што ве прават да се чувствувате пријатно и задоволно кога работите, нешто налик на пилотот покрај својот "кокпит".

Ова не е прва најава за мојот "electronic workbench" или работно место за еден хоби-електроничар. Насловната страница од Емитер 7-8/1996 беше украсена со неговата фотографија (види тука). Тоа беше време кога Емитер, а и јас како надворешен соработник, ги правевме првите чекори, полека но сигурно, како мало дете што проодува... за сега Емитер да израсне од "Списание за електроника" во едно професионално и "Списание за популаризација на науката и техниката", а јас како горд на него, редовен соработник. Еволуција.

Прирачна литература, звучна кутија – монитор, на горната полица; дигитални и аналогни универзални инструменти, т.н. авометри или мултиметри на долната полица, заедно со 32 мали кутивчиња за сортирање на најнеопходните електронски компоненти. Од десната страна на "малата прирачна аптека" подготвено чекаат уреди за генерирање и следење на сигнали: сигнал-трасер со сигнал-инјектор, генератор на фукции и мобилен НФ засилувач со моќност од 10 W. "Рамо до рамо" до нив се поставени: стробоскопски уред со континуирана промена на фреквенцијата и јачината на блесокот, стабилизиран насочувач за авторадио со напон од 13,2 V/2,5 A, уред за onboard испитување на транзистори, трансмитер на аудио и видеосигнал, уред за испитување на исправноста на инфрацрвени далечински управувачи, аналоген LC метар и 2 програматора за микроконтролори. Сè е на едно место, на дофат, а сепак сè е мобилно.

Модулите од левата страна на командниот пулт

Модулите од десната страна на командниот пулт

За разлика од мерните инструменти и електронските уреди кои претходно ги споменав, уредите кои се вградени во командниот пулт се стационарни, со заедничко напојување и нивната примена се разликува од примената на преносните мерни уреди. Идејата за изградбата на секој поединечен модул произлезе од потребата и намената на дадениот модул во текот на процесот на сервисирање, мерење, испитување или контролирање на исправноста на одредени електронски уреди, било да се тоа комерцијални или електронски уреди во самоградба. Заради поголема прегледност и разбирливост на командниот пулт на работното место на хоби-електроничарот, кон неговото објаснување ќе пријдам етапно и одделно, модул по модул, од лево кон десно. Најпрво ќе ги набројам сите негови составни делови, според англиските називи со кои е означен секој од нив: MAIN UNIT, POWER SUPPLY UNIT, TIME, AC MAIN, DIGITAL, MEASUREMENT, KEY CONTROL, AUDIO TEST и TELEPHONE. Сè на сè 10 вертикални модули, како десет Божји заповеди. Сите овие модули ќе ги објаснам подетално во продолжение на текстот. Но пред да започнам со деталите да ве потсетам на народната поговорка: "Секој почеток е тежок, а крајот делото го краси".

Иако моето омилено работно место изгледа убаво и богато, бидете сигурни дека вакво какво што е сега не никнало преку ноќ, како "печурки по дожд". Доволно, е колку да се започне, да се има работна маса, едноставно лемило, извор на стабилизиран напон со континуирана промена на напонот и еден дигитален мерен инструмент (AVO-метар). Концепцијата, изгледот, дизајнот и димензиите на мојата работна маса со пултот, полиците со мерни инструменти и литературата за електроника, како основни клетки на работното место за електроничар-хобист, нека послужат како идејна водилка за тоа како би можело да се реализира едно катче за работа, место каде што хобистот со задоволство ќе поминува дел од своето слободно време.

Би било интересно за сите нас ако вие, нашите читатели, споделите со нас фотографии од вашите електроничарски катчиња – испратете ни ги во порака или на е-маил redakcija@emiter.com.mk и ние ќе ги објавиме подолу на оваа веб страница и на нашата фејсбук страница.

Главни елементи и материјали:

работна маса, стабилизиран извор, лемило, мултиметар

 
Клучни зборови:

Моето работно место како хоби-електроничар

Овде јас поминувам многу часови во своето хоби - електрониката

Модулите од левата страна на командниот пулт

Модулите од десната страна на командниот пулт

Поглед во внатрешноста на модулите од левата страна на командниот пулт

Поглед во внатрешноста на модулите од десната страна на командниот пулт


Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 7-8/2012. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.