Емитер 7-8/2012.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Лето е! Време за забава, нови познанства и романтични авантури. Изненадете ги вашите познати и љубени со овој електронски мерач на бакнежи кој ќе внесе ведар дух, ќе предизвика воздишки и што е најбитно, ќе даде повод за дружење.
Денес како светот да застанал на глава! Ако некому му е до забава, ако сака да направи некое ново познанство и воедно сака да си ја испроба среќата, тој едноставно ќе заземе место во некоја виртуелна маса за покер на Фејсбук и со тоа накратко ќе ги задоволи своите пориви. Со тоа не сакам да кажам дека интернетот нема свои доблести, напротив! Предноста е очигледна! Не ни требаат дезодоранси за да го прикриеме присуството на нашите феромони, па многу полесно можеме да "блефираме". Така, луѓето со помош на расположливите средства за комуникација како да престанале директно да комуницираат препуштајќи се на привидната стварност, која сама по себе секогаш и без искучок е порозова од суровото секојдневие!
Поглед во внатрешноста на уредот
Во времето на мојата адолесценција, виртуелни стварности имало само по мултимедијални уметнички инсталации во авангардни галерии. За жал (или за среќа), во Скопје од тоа време немало такви работи поради децидниот став на Македонецот да избегнува сè и сешто што има "гард". Така авангардата ја биеја лоши гласови и маалски силеџии токму со цврст "гард". Во тоа време немало и многу други работи, особено по 22:00 часот, па младите измислувале разни досетливи игри за да се дружат повеќе. Таква била и едноставната игра "бакни ме!" за која требало само едно празно пивско шише кој го завртувал "фрлачот". Тој или таа на кој(а) ќе застанело шишето, треба да го бакне "фрлачот"! Просто зар не! Но вакви едноставни игри не проаѓаат во 21. век, па затоа се одлучив да изработам електронски "Мерач на бакнежи" кој, во зависност од тоа како бакнуваме, ќе ни каже кој сме и што сме! Електрониката може сè! И, згора на сè, таа е крајно објективна, зарем не?!? Сепак, не е баш "хигиенски" да бакнуваме едно парче метал еден по друг, па може ли електрониката со ставање прст на сензорот да ни го каже истото? Кога тоа го можеле разни машини од типот на "Видовитата Зелда" стари 200 и повеќе години, зошто да не може семоќната електроника од 21. век!
Повод за овој проект и напис е дружењето и новите летни познанства. Затоа, моите надежи се свртени кон мислата дека со овој уред ќе имате успех проткаен со дружба и ведро расположение. Со овој уред можете да ја осовремените и направите позабавна старата игра "бакни ме" (фота) или, пак, да си ги "проверите" бакнувачките способности со својот партнер. Допрете го сензорот, бакнете се и додека трае бакнежот отпуштете го сензорот и видете го резултатот. Ако не ви се допаѓа класификацијата која ви ја одредил уредот, обидете се со нов бакнеж да си го поправите резултатот :-). Имате можност и да ги смените натписите до секоја од диодите и да дефинирате сами своја игра која со својата инвентивност ќе предизвика воздишки кај вашите пријатели и симпатии. Изборот е лимитиран само со досегот на вашата имагинација!
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 7-8/2012. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.