Емитер 7-8/1997.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Ако запрашате некого кој е на било каков начин поврзан со работа во тонско студио или радио станица, кое е најголемото техничко достигнување што последниве десеттина години влегло во студио, веројатно најголемиот број ќе ви одговорат - Mini Disc. Иако ќе има и такви кои ќе кажат дека е тоа CD (поради нагласената практичност) или DAT (поради можноста за дигитално снимање); сепак Mini Disc ќе преовладее како одговор. Едноставно поради тоа што е неспоредливо попрактичен од DAT, но и од CD-то, поради тоа што квалитетот на изработените тонски снимки на Mini Disc не заостанува многу од снимките направени на DAT (особено кога се работи за употреба на радио станици каде конечниот слушател тешко дека ќе може да процени од кој медиум се праќа сигналот), и поради цената која е многу пониска од DAT-овата и приближно иста со цената на CD плеер од средна класа. Меѓутоа, колку многу аудиофили и да се “палат” на т.н. “студиска референса” и колку и да му биде драго на “Sony” (главниот произведувач на Mini Disc хардверот), дека неговиот патент е така универзално адаптиран во студиското семејство, хоризонтите на неговите првобитни настојувања не требаа да бидат ограничени на студијата за тонска режија и радио станиците. Mini Disc-от е направен за да го купува широк круг на конзументи на потрошна аудио електроника, значи сите оние кои со купувањето на Mini Disc потполно би се разделиле од најуспешниот (што не значи и најквалитетниот!) снимачко/репродукциски медиум било кога направен – нашиот незаменлив касетофон. Но, дали прогнозата на Sony-евите развојни и маркетиншки стручњаци била точна и дали не малите вложувања во развојот, производството и промовирањето на новиот формат воопшто некогаш ќе се вратат односно ќе донесат профит, тоа останува да се види. А прогнозите не се баш оптимистички.
Првите Mini Disc-ови што се појавија на пазарот, две години наназад звучеа така што и не особено извежбаните слушатели можеа да забележат дека битно заостануваат зад просечен CD плеер. Ако на ова се додаде и фактот дека истовремено со Mini Disc-от се појави и DCC, многу интригантен дигитален рикордабилен формат на Sony-евиот партнер од CD бизнисот - Philips, кој покрај изработката на дигитални снимки можеше да репродуцира и класична компактна касета, неславниот крај на Mini Disc-от се чинеше дека е сосема извесен.
Меѓутоа Sony не се откажуваше. Се изврши реконструкција на составот и во почетокот на 1996 година пред публиката се појави нивниот прв Mini Disc со ES(Esprit) ознака која фирмата обично ја “лепи” на оние свои производи за кои смета дека со својот звучен квалитет отскокнуваат од оние од нивната стандардна аудио програма. Моделот носи ознака MDS - JA 3ES, а цената му е во класата помеѓу 1500 и 2000 DEM, што е скоро троструко повеќе од цената на нивниот MD уред од стандардна продукција. Пред да се впуштам во објаснување на тонските можности на првиот Mini Disc направен со цел да со својот снимачко/репродукциски квалитет ги задоволи и позахтевните слушатели, да погледнеме што е всушност Mini Disc, како снима и репродуцира, кои му се основните предности и маани, бидејки за тоа широката публика знае (пре)малку, и зошто воопшто многу аудиофили неговите тонски можности a priori ги доведуваат во прашање.
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 7-8/1997. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.