Емитер 5/2011.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Во годишниот биланс на енергетски потреби на зградите за греење, застаклените елементи играат значајна улога. За разлика од нетранспарентните градежни конструкции (ѕидови, покриви, еркери, конструкции над визби, гаражи и сл.), кај кои со добро димензионирање на топлинската изолација може да се постигнат оптимални заштеди на енергијата, ова не е случај со застаклените елементи: прозорци, врати, натсветла, куполи. Изолациските својства на овие елементи се лимитирани, од една страна, со условот за пропуштање светлина, а од друга страна со ограничените изолациски капацитети на стаклото и придружните елементи (фиксни рамки, подвижни крила итн.). Како резултат на овој факт, вредноста на коефициентите на пренесување на топлината и кај најдобрите застаклени елементи се неколкукратно полоши од која било друга конструкција со просечна изолација. Но, има еден силен аргумент кој застаклените површини ги издига на пиедестал: единствено застаклените елементи во една зграда можат да обезбедат топлински добивки во текот на грејната сезона, кои во најдобар случај можат да бидат и поголеми од топлинските загуби низ нив. Ова го овозможува нашата ѕвезда Сонцето ако знаеме како да ја искористиме енергијата што ни ја праќа.
Недостигот од енергија, ограничените и исцрпливи фосилни енергетски ресурси, генерално кажано енергетската криза налага преориентација кон користење на обновливи извори на енергија. Во многу земји, а особено во Република Македонија, сонцето потенцијално претставува главен обновлив извор на енергија. Активното користење на сончевата енергија се ефектуира со технички уреди (соларни панели) за добивање топла вода и електрична струја (фотонапонски панели). Меѓутоа, пасивното користење на сончевата енергија ги користи градежните компоненти погодни за оваа намена: надворешна транспарентна топлинска изолација, "Тромбеови ѕидови", водени ѕидови и др.
Но, најголемите потенцијали во пасивното користење на сончевата енергија лежат во застаклените елементи на зградите: прозорци и балконски врати, натсветла, куполи, интегрирани застаклени градини и др. Претходно изнесеното се однесува на добивање топлинска енергија потребна во зимскиот период. Но, што станува со несаканите топлински добивки низ истите застаклени елементи во лето, што за последица има дополнителни енергетски загуби при ладење на амбиентот наменет за престој? Со современи технолошки решенија во дизајнирањето на стаклото (т.н. стакло-пакети), како компонента во системот на застаклувањето, се решава проблемот: сончевите зраци селективно се пропуштаат, се акумулираат во стаклото или се рефлектираат кон надвор. Со еден збор, тоа е интелигентно користење на сончевата енергија. Но, истовремено со соодветен избор на внатрешните стакла, тие во голема мера можат да ја задржат топлината во внатрешноста.
За да разбереме на кој начин може интелигентно да се користи сончевата енергија, потребно е во главни црти да се запознаеме со нашата ѕвезда Сонцето и каков вид енергија тоа ни праќа, а потоа ќе ги анализираме начините на пренесување на топлина низ застаклени површини
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 5/2011. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.