Емитер 7-8/1998.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Тестовите на Hi-Fi уредите можат да се изведат на два начина: со мерење (објективни тестови) или со слушање (субјективни тестови). Обата начина си имаат свои позитивни и негативни страни, па најдобро е да се комбинираат и двата. Планирам да направам мерни тестови на најевтините звучници кои се на нашиов пазар, а оние кои најдобро се покажале да ги соберам на купче и да организирам слеп слушен тест, односно да ги предадам на милост и немилост на жирито. Оваа концепција ја одбрав затоа што мерниот тест лесно може да покаже кои звучници не се доволно квалитетни и за кои не вреди да се прави слеп слушен тест. Како што веќе објаснив, изведувањето на слеп слушен тест е многу напорно, па одлучив малку да се штедам. За овој тест ја избрав првата тура од три пара звучници: JBL TLX 300, Mission 731i и Pioneer S-F 21.
Како треба да се изведат тие тестови, за да се елиминираат или барем ублажат нивните негативни страни?
Кога станува збор за слушните тестови, праксата и науката докажале дека единствен начин да се добијат непристрасни оценки за звукот на Hi-Fi уредите (и на било што друго!) е организирањето на слеп слушен тест. Читателите на ЕМИТЕР го имаа тоа ретко задоволство да можат да уживаат во резултатите од слепите слушни тестови изработени според научните методи (ЕМИТЕР 5/97, 6/97, 7-8/97 и 2,3/98). Странските Hi-Fi списанија кои го користат слепиот слушен тест се многу ретки – единствен релативно светол пример е британскиот Hi-Fi Choice, кој редовно го користи овој метод во компаративните тестови на Hi-Fi уредите. Прилично често слепиот слушен тест се користи во уште едно британско списание: Hi-Fi News & Record Review, но не во секој број. Повремено можат да се најдат слепи слушни тестови и во американските списанија Audio и Stereo Review.
Зошто се толку ретки списанијата кои го користат слепиот слушен тест? Причините се едноставни, но многубројни и во сложена меѓузависност. Како прво, организирањето на слеп слушен тест е сложен, скап и обемен зафат (и многу напорен, верувајте ми!). Понатаму, слепиот слушен тест може да биде фрустрирачко искуство за некои слушатели, бидејќи не постои визуелен контакт со уредите кои се оценуваат, па се можни големи утки и трагикомични ситуации, што лично можат да го потврдат одредени наши аудиофили кои се изрезилија на некои од слепите слушни тестови кои ги организирав (ова не се однесува на аудиофилот кој е член на жирито).
Резултатите од слепите слушни тестови можат неповолно да влијаат врз тиражот на списанието, бидејќи е можно разликите во звукот меѓу некои уреди навистина да бидат многу мали, или да не постојат. Кој би купувал списание во кое не можат да најдат разлика во звукот меѓу Hi-Fi уредите? Од друга страна, може да се случи некои многу скапи уреди да добијат просечни или лоши оценки за својот звук, а тоа значи откажување на тие фирми од рекламирање во списанието, што исто така е лошо по здравјето на главниот уредник.
Заради горе наведените проблеми, голем број на високотиражни и познати Hi-Fi списанија бегаат од слепите слушни тестови како ѓавол од крст. Нивните слушни тестови често не се ни компаративни, за да не се налутат фирмите кои рекламираат на нивните страници. Меѓутоа, ваквите обични слушни тестови не треба комплетно да се отпишат – нив ги прават искусни луѓе со добар слух, така што за нивните оценки за звукот може да се каже дека во глобала неретко се приближно точни. Единствениот проблем е во тоа што тие се сепак само … луѓе, со сите негативни особини својствени за homo sapiens: подложност на сугестија, автосугестија, носталгија, влијание на авторитет, визуелно предизвикана еуфорија која потоа се пресликува во аудио доменот и слично. Искуството старо илјада години, праксата и (во поново време) науката ги забележале и проучиле овие негативни особини и ги елиминирале на едноставен начин: со слеп тест. Само со слепиот слушен тест се добиваат валидни оценки за звукот на Hi-Fi уредите. Уште кога и вкусовите на луѓето би биле исти…
Мерните тестови на Hi-Fi уредите имаат една голема (огромна) предност над слушните тестови: тие се објективни. На измерените резултати нема што да им се забележи и сите натамошни полемики на таа тема се беспредметни. Пред фактите и боговите молчат.
Некои критичари (т.е. критизери) на мерните тестови велат дека измерените величини немаат никаква врска со квалитетот на звукот. За оваа (сè уште раширена) глупост делумно се одговорни и оние кои некритички вршеле мерења по списанијата, на пример мерење на засилувачи приклучени на обичен отпорник (појаснување: импедансата на било кој звучник нема никаква врска со обична отпорност). Научните истражувања докажале кои методи на мерење и кои измерени величини се совпаѓаат со субјективните слушни впечатоци, така што дури и еден John Atkinson (уредникот на американското списание Stereophile) се покорил на старата мудрост: “Ако не можеш да ги победиш, придружи им се!”. Тој на последниот 103-ти Конгрес на Aidio Engineering Society има презентирано труд под наслов “Што можат да ни кажат мерењата на звучниците за нивниот звук … а што не можат!”. Ако се занемари циничниот втор дел од насловот, јасно е дека науката сериозно го начнала бастионот на не-слепото слушно оценување: списанието Stereophile. Уште повеќе што тоа списание ја купило лиценцата од махерот за мерења Paul Miller (технички уредник во Hi-Fi Choice, тест консултант во Hi-Fi News & RR) за неговиот компјутеризиран систем за мерење на jitter на CD плеерите.
Се разбира, долг е патот до изнаоѓањето на сите оние мерења кои ќе дадат една комплетна слика за звукот на некој уред, но добро е што веќе се направени првите чекори. И најдолгиот пат започнува со еден чекор.
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 7-8/1998. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.