На 28 декември 2024 година, се навршуваат 80 години откога во далечната 1944 година, за првпат во ослободената татковина, на македонски јазик во етерот се пренеле зборовите на првиот директор на Радио Скопје, Владо Малески – Тале: “ Зборуе Радио Скопје, зборуе Радио Скопје. Драги слушатели, од салата на Собранието вршиме директен пренос на Второто заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија... ” Ваквите јубилејни годишнини се повод да се потсетиме на тие настани и да го проследиме патот на развојот до денешни дни, а младите генерации да научат нешто повеќе за своите корени. Во овој случај за развојот на Македонското Радио.