Само што ја изминавме точката од орбитата на Земјата околу Сонцето која се нарекува афел. Во оваа точка сме најдалеку од Сонцето – оддалечени од него 152,1 милиони километри!
На почетокот од месец јануари, Земјата беше најблиску до Сонцето. Таа точка, кога сме најблиску од Сонцето се нарекува перихел. Кога Земјата е во перихел, растојанието до Сонцето е 147,1 милиони километри, односно 5 милиони километри поблиску од денес.
Разликата во растојанието од Земјата до Сонцето, кога Земјата е најблиску и најдалеку од Сонцето, е околу 3,3% и нема значително влијание врз сезонските промени на Земјата. Имено, промената на годишните времиња главно е резултат на наклонот на Земјината оска.
Перихел и афел се два астрономски термина што се однесуваат на орбитата на небесните тела околу Сонцето. Перихел е точката во орбитата на едно небесно тело кога тоа е најблиску до Сонцето. Во таа точка, телото се движи со најголема брзина поради гравитацијата според законите на Кеплер. Земјата го достигнува својот перихел во периодот околу 3 до 5 јануари секоја година.

Афел е точката во орбитата на небесно тело кога тоа е најдалеку од Сонцето. Во оваа точка, телото се движи со најмала брзина. Земјата го достигнува својот афел во периодот околу 4 до 6 јули секоја година.
Овие точки се резултат на елиптичната форма на орбитите на планетите според првиот закон на Кеплер.
Иако можеби е чудно што перихелот и афелот не се совпаѓаат со датумите на најкраткиот и најдолгиот ден во годината, причината за годишните времиња и должината на денот е сосема различна од растојанието до Сонцето.
Најкраткиот ден (зимскиот солстициум) и најдолгиот ден (летниот солстициум) се предизвикани од наклонот на Земјината оска, кој изнесува околу 23, 4°. Во 2026 година најдолгиот ден на северната хемисфера, односно летниот солстициум, беше пред две недели, на 21 јуни. Најкусиот ден, односно зимскиот солстициум е во декември.

Кога северната хемисфера е најмногу наклонета кон Сонцето – во лето, тогаш деновите се најдолги, а кога северната хемисфера е најмногу наклонета ОД Сонцето – во зима, тогаш деновите се најкратки. На јужната полутопка се случува токму спротивното!
Најдолгиот ден во годината на јужната хемисфера е околу 21 декември. Во тој период, Јужниот Пол е наклонет директно кон Сонцето, па земјите како Австралија, Аргентина или Јужна Африка тогаш уживаат во почетокот летото и ги имаат најдолгите денови и најкратките ноќи.
Земјата беше најблиску до Сонцето, во перихел, на 3 јануари 2026 – само две недели по најкраткиот ден на северната хемисфера. Вчера, на 6 јули, две недели по најдолгиот ден на северната хемисфера, Земјата беше во точката афел, кога Земјата е најдалеку од Сонцето. Всушност, Земјата е најблиску до Сонцето токму во зима на северната хемисфера, па ако растојанието беше главна причина, тогаш зимата би требало да биде потопла — но не е!

Како што споменав, разликата во растојанието помеѓу Земјата и Сонцето при перихел и афел е ‘само’ околу 5 милиони km, што влијае значително помалку од наклонот на оската.
Близината на датумите на солстициумите и оние кога Земјата се наоѓа во точките на перихел или афел е само случајност во моменталниот период. Со текот на илјадници години, поради прецесијата на орбитата овие датуми се поместуваат. Така, во минатото, пред околу 800 години, перихелот се совпаѓал со зимскиот солстициум.