Денес, среда, 3 јануари, точно во 1 часот и 38 минути по средноевропско (македонско) време, Земјата ја достигна позицијата перихел за 2024 година. Всушност, денес Земјата беше најблиску до Сонцето за оваа година, или на само 147 100 632 km. Точното растојание и време кога Земјата ќе биде во перихел, варираат од година во година. Така на пример, следната година при перихел, Земјата ќе биде 3054 километри подалеку од Сонцето, а моментот ќе се случи еден ден подоцна (4 јануари 2025 година во 14 часот и 28 минути).
Поради близината до Сонцето, во месецот јануари Земјата се движи околу 1 km/s побрзо (30,3 km/s) по својата патека отколку во јули, што е причина и за малку пократко траење на годишните времиња (зима на северната, а лето на јужната полутопка) во овој период. Причината за перихел и афел е тоа што Земјината патека (орбита) не е сосема кружна, туку малку елиптична, со едниот крај на „елипсата“ малку поблиску до Сонцето. Сепак, таа разлика во растојанието е мала и не влијае на сезонската промена на климата, ниту на годишните времиња. Всушност, годишните времиња се резултат на закосеноста на оската на ротација, која е под агол од 66 степени (ако беше вертикална, ќе немавме ниту промена на годишни времиња).
Инаку, малку ни е нелогично што во зима сме најблиску, а во лето најдалеку од Сонцето. Меѓутоа, ако погледнеме од перспектива на оние кои живеат на јужната хемисфера, работите би биле сосема логични. Нивните годишни времиња се „обратни“ од нашите, па така, кога ние имаме зима, тие имаат лето...
Годишните времиња, температурите и временските услови зависат од аголот под кој зраците на сончевата светлина паѓаат на Земјата. Иако би требало да се очекува помалото растојание во перихел да резултира со потопли јануарско-февруарски лета на јужната полутопка, тоа не е така заради многу понерамномерниот распоред на водата и копното на оваа хемисфера. Сепак, има еден друг многу значаен ефект, а тоа е што количеството на УВ и други зрачења од Сонцето во овој период е поголемо за околу 7%. Тоа зголемување е доволно да предизвика значајни ефекти врз испарувањето на водата во Светскиот океан, влијаејќи врз глобалниот и регионалниот распоред на врнежи.
Поради оштетувањето на озонските слоеви, перихелната положба во последно време понеповолно се одразува врз живите организми и човекот, главно преку намалување на имунолошкиот одговор или преку оштетување на кожата и очите. Затоа, без оглед што е зима, треба да се внимава на изложеноста на директното сончево зрачење, особено на повисоките планини!
Поради перихелната положба, Сонцето овие денови одлично се гледа и фотографира со послаби оптички инструменти кои имаат заштита и филтри (може и темна, неупотребена филм-фолија или тенка алуминиумска фолија).
Преземено од ИГЕО-ПОРТАЛ, Прв географски портал во Македонија.