Деновиве во јавноста голема резонанса предизвика веста за разнесувањето на наводно радиоактивна пепел од РЕК Битола низ Пелагонија. Засега единствената проверена информација, врз основа на податоците добиени од извршените мерења од страна на „Технолаб” ДОО Скопје, акредитирана лабораторија за животна средина и безбедност при работа, вели дека во согласност со Уредбата за граничните вредности за нивоата и видовите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух (Сл. Весник на РМ бр. 50 од 2005 год. и 187/2017 год.), во испитуваниот период не е надмината 24-часовната гранична вредност за заштита на човековото здравје за концентрацијата на суспендирани цврсти честички ПМ 10. (извор: Вечер пресс, 22.4.2025 год, во 15:06 ч.)
Според весникот „Вечер“, во извештајот никаде не се споменуваат резултати за мерења на радијацијата во амбиенталниот воздух, ниту дали истите се воопшто извршени.
Во однос на радијацијата, би се надоврзал со резултатите од сопствените мерења со Гајгер-Милеров бројач, објавени на 4.11.2024 година (Дали пепелта од термоцентралата на РЕК „Битола“ е радиоактивна или не?). Накусо, тогаш мерењата на свежата пепел покажаа дека дозата на еквивалентна радијација над самата пепел изнесува 0,08...0,10 μSv/h (микросиверти на час), што е приближно трипати пониска вредност од радијациониот фон во битолскиот регион од околу 0,24 μSv/h. Ова значи дека тука единствениот извор на радијација е космичкото зрачење, односно пепелта дури го блокира излегувањето на радиоактивниот гас радон (главниот носител на природната радијација) од земјата.
Одлагалиште на откривка (јаловина), односно почва над јагленовите слоеви.
Сега би сакал да додадам едно важно дополнување. Мојот инструмент не е сосема погоден за мерење на алфа радијација, поради што се потребни дополнителни мерења со специјални инструменти.
Алфа радијацијата доаѓа од алфа честичките (јадра на хелиумот со два протони и два неутрони), коишто поради својата голема маса немаат голема продорност, односно нив ги сопира слој од само неколку сантиметри воздух или лист од хартија. Но, од друга страна алфа честичките можат да бидат опасни доколку се вдишат во позначително количество во белите дробови. Поради ефектот на акумулација (натрупување) во организмот тие потенцијално би можеле да предизвикаат малигни неоплазми, односно рак на белите дробови.
Доколку идните специјални мерења покажат дека во пепелта од согорувањето на лигнитот во котлите на РЕК Битола навистина има алфа честички, тогаш на ризик би биле изложени во прв ред работниците кои непосредно ракуваат со пепелот. Во меѓувреме, потребно е да им се наложи задолжително носење на маски КН-95 (истите што ги носевме за време на корона-кризата), коишто не само што би ги штителе работниците од алфа честички, туку и од самите ПМ 10 и ПМ 2,5 честички.
Уште еднаш да подвлечеме, алфа-честичките не се опасни преку кожата, туку единствено преку белите дробови, односно ако се вдишат. Ние слободно можеме да стоиме над пепел со алфа честички и нема да ни се случи ништо, сé додека не ги вдишеме тие честички.
Инаку, со оддалечување од депонијата за пепел, концентрацијата на суспендирани честички (а заедно со нив и на алфа честички) нагло се намалува, па малку е веројатно дека во Битола, па дури и во најблиските села Рибарци, Балдовенци и Паралово, концентрацијата на алфа радијација може да достигне опасни нивоа. Ова дотолку повеќе што за да се акумулираат позначителни дози на алфа честички потребно е вдишување во текот на подолг временски период. Така повторно се враќаме на опасноста за самите работници кои ракуваат со пепелта.
Што се однесува до одлагањето на пепелта, сум слушал (како студент тоа и сум го учел) дека истата треба да се одлага во специјални касети (ровови), кои потоа треба да се затрупуваат со земја, врз која конечно треба да се засади вегетација. Меѓутоа, при мојата посета на депонијата за пепел во ноември 2024 година, наместо касети со свои очи видов еден огромен рид од свеж, но и стар пепел (на сликата). Таму ги извршив мерењата на радијацијата (што не покажаа зголемено ниво, освен евентуално на алфа-радијација), ги видов работниците кои на секои 10-15 минути истураа по еден камион пепел врз депонијата и мал облак од пепел што го разнесуваше ветерот.
Oдлагач за јаловина
Лично не верувам дека онаа планина од пепел некој сега може да ја пренесе во касети, но можеби може со булдожери да се распореди и врз неа да се посипе земја. Меѓутоа, гледајќи како хаотично се распоредувала пепелта, но и јаловината со текот на годините, малку веројатно е дека сега некој ќе воведе повеќе ред на теренот.
-------------------------------
Збор-два за самата радијација од алфа честички. При согорување на јагленот, особено лигнитот (кафеав јаглен), концентрацијата на тешки метали и природни радионуклиди (радиоактивни елементи кои се наоѓаат природно во јагленот) се зголемува во пепелот за 5-10 пати. Тоа вклучува: ураниум-238, ториум-232, радиум-226, полониум-210 (чист алфа емитер!), олово-210 и калиум-40. Некои од овие елементи, како ураниум, ториум, и полониум, се алфа емитери.
Радиоактивните елементи имаат различен полуживот:
• ураниум-238: околу 4.5 милијарди години
• ториум-232: околу 14 милијарди години
• радиум-226: 1600 години
• полониум-210: 138 дена
Спротивно на она што интуитивно најпрво ќе го помислиме, дека ураниумот-238 е најопасен, всушност најопасен е полониумот-210. Ураниумот-238, со својт многу долг период на полураспад е најстабилен изотоп и не предизвикува многу радиоактивни распади, наспроти полониумот-210, кој интензивно се распаѓа и зрачи алфа честички, иако многу побргу исчезнува. Накратко кажано: краток полуживот - силно зрачење и обратно.
Ураниумот и ториумот во пепелот не се опасни поради силното зрачење, туку поради биолошката акумулација или вдишувањето на фини честички. Полониумот-210 и радиумот-226 (со полуживот од 138 дена и 1600 години) претставуваат поголема грижа, бидејќи емитуваат алфа честички, кои се многу штетни ако навлезат во телото, и покрај краткиот домет на зрачењето во воздух и безопасноста за кожата.
Во Македонија, особено во регионот на Пелагонија, каде што се наоѓа термоелектраната на РЕК „Битола“, се користи лигнит со природна содржина на радиоактивни елементи. Истражувањата покажуваат дека пепелот од овие електрани содржи зголемени концентрации на ²³⁸U, ²³²Th и ²²⁶Ra, што може да претставува ризик за населението преку вдишување на прашина. Но, за наша среќа, изгледа дека нашиот лигнит нема значителни количества полониум-210 (името му го дала Марија Кири, во чест на својата земја, Полска), така што би требало да бидеме релативно безбедни.
Што може да се направи за да се заштитиме?
• Избегнување на директен контакт на работниците со пепелот, особено во форма на прашина.
• Контролирано складирање на пепелот во касети што се затрупуваат, за да се спречи ширење на прашина.
• Мониторинг на радиоактивноста во околината, особено во близина на депонијата со пепел.
• Информирање на јавноста за потенцијалните ризици и мерките за заштита.
Депонија за пепел од РЕК Битола во подрачјето на напуштеното и веќе затрупано село Билјаник.
Општина Битола, како и еколошките здруженија од градот би можеле да набават еден квалитетен мерач на алфа радијација:
• Gamma-Scout Standard – цената е околу 475 €, но нуди висока прецизност и е погоден за професионална употреба .
• Apantec Frisker 100 – достапен е на eBay за 750 $, специјално дизајниран за детекција на алфа и бета зрачење.
Иако е мала веројатноста пепелта да емитува само алфа-радијација, штом веќе измеривме занемарлива бета и гама радијација, сé додека не се извршат прецизни мерења на алфа радијација работниците коишто работаат со пепел би морале задолжително да носат заштитни маски КН-95, бидејќи се работи за нивното здравје.
Широката популација најверојатно е безбедна, но мерењата на алфа радијација ќе го кажат последниот збор. Независно од самата радијација, суспендираните честички (фината прашина, особено честичките ПМ 2,5) се штетни за белите дробови и луѓето би требало да се штитат од нив. Најголемата закана ни доаѓа од нас самите, односно од горењето дрва за греење во зимските месеци. Таа опасност, заради близината на ложиштата и високата концентрација на ПМ 2,5 честичи е многу поголема од пепелта од РЕК Битола.