Кратко и јасно – не е радиоактивна.
За да се увериме самите, заедно со инж. Илија Бендевски „Бенц“ од нашето здружение на инженерите направивме една мини-експедиција по депониите за јаловина и пепел. После речиси 10 препешачени километри по изразито непристапен терен, го пронајдовме одлагалиштето за пепел, во близина на напуштеното и затрупано село Билјаник.
Мерењата на свежата пепел покажаа дека дозата на еквивалентна радијација над самата пепел изнесува 0,08...0,10 uSv/h (микросиверти на час), што е приближно трипати пониска вредност од радијациониот фон во битолскиот регион од околу 0,24 uSv/h. Ова значи дека тука единствениот извор на радијација е космичкото зрачење.
Лево: Одлагалиштето на свежа пепел во РЕК „Битола“. Кога дува ветер, се разнесува наоколу како најфина прашина. Десно: Ако лаже козата, рогот не лаже: дозата на еквивалентна радијација над самата свежа пепел изнесува од 0,08 до 0,10 uSv/h, трипати помалку од светскиот просек на природниот фон (заднинското зрачење).
Вакви ниски дози на радијација претходно имаме измерено само над Преспанско Езеро. Да заклучиме, пепелта, но и цементот добиен од пепелта од битолските термоелектрани е сосема безбеден од гледна точка на радијација.
Инаку, во светски рамки природниот фон има доза на еквивалентна радијација од 0,17...0,40 uSv/h, со просек од околу 0,27 uSv/h.
Лево: Одлагалиште на откривка (јаловина), односно почва над јагленовите слоеви. Ни тука не е забележано зголемени ниво на радијација. Десно: Природата населува нов живот на овие мртви депонии.
Лево: Напуштенa погонска станица високa колку троспратна куќа Десно: Oдлагач за јаловина, ама и тој не работеше.
Мерењата се извршени со кинески Гајгер-Милеров бројач, тип BR-6. Овие уреди се релативно едноставни и се базирани на Гајгерова ваккумска цевка како сензор на јонизирачки честичи, електричен засилувач и бројач, односно претворувач во единици uSv/h.
Од звучникот на уредот се слушаат отчукувања при регистрирање на јонизирачка честичка. Мерејќи ја временската периода и зачестеноста на јонизирачките честички се определува дозата на еквивалентна радијација, што се прикажува на дисплејот.
Уредот е тестиран на многу локации и насекаде е регистриран природниот радијациски фон од 0,20...0,28 uSv/h, освен над Преспанско Езеро, како и над депонијата за пепел, каде изнесувал околу 0,10 uSv/h. Природниот фон (заднинско зрачење) претставува најдобар eталон за проверка на квалитетот на инструментот.
Одлагалиштето на свежа пепел во РЕК 'Битола'. Кога дува ветер, се разнесува наоколу како најфина прашина.