Рубрика: Историја и археологија
Механизмот од Антикитера доби ново толкување од науката за гравитациски бранови
Објавено на 10.07.2024 - 17:00

Анализите користени во студиите на гравитациските бранови доведоа до повторно пресметување на дупките во таинствениот механизам од Антикитера. И до контроверзна хипотеза. Новата, можна интерпретација објаснувањата ги црпи од ни повеќе ни помалку туку од студиите на гравитациските бранови.

Користејќи статистички техники што вообичаено се користат за анализа на гравитациските бранови, бранувања во ткивото на време-просторот генерирани од интеракцијата помеѓу екстремно густите небесни тела, двајца научници повторно го пресметале бројот на дупки присутни во дел од механизмот Антикитера која требало да служи како своевиден календар.

Предметот е пронајден на почетокот од 20 век во потонат римски брод во близина на островот Антикитера, сместен помеѓу Пелопонез и Крит. Механизмот Антикитера претставува антички калкулатор изработен пред околу 2200 години, кој ги покажувал позициите на Сонцето и на Месечината за кој било ден во годината, заедно со појавите на затемнувања, како и движењата на тогаш познатите планети.

Според студијата, објавена во Horological Journal, еден од прстените на механизмот, познат како „календарски прстен“, не содржи 365 дупки, туку 354. Навидум мала промена, но таа прави огромна разлика – разлика помеѓу соларен и лунарен календар.

Врз основа на новата интерпретација на засеците на прстенот, што преживеал како фрагмент, овој дел од машината Антикитера ги следел сите 12 лунации (временскиот период во којшто Месечината, гледана од Земјата, минува низ сите мени, а која трае 29 дена, 12 часа, 44 минути, 2,8 секунди). Накратко кажано, механизмот ја следел лунарната година, а не соларна, како што тоа досега се мислеше.

Но, каква врска имаат гравитациските бранови со механизмот од Антикитера? Новата студија тврди дека е можно да се заклучи колку дупки имало во оригиналниот прстен користејќи статистички методи што се употребуваат во науката за гравитациските бранови.

Грејам Вон, астрофизичар од Универзитетот во Глазгов, се обидел да ги открие тајните на механизмот од Антикитера со користење на бејзова статистика, пристап кон статистиката што ја проценува веројатноста за различни хипотези врз основа на претходното знаење, како и на набљудуваните податоци.

Неговиот колега Џозеф Бејли, физичар и астроном од Универзитетот во Глазгов и истражувач во проектот LIGO (Laser Interferometer Gravitational-Wave Observatory), американската опсерваторија што во 2015 година го овозможи првото директно набљудување на гравитациските бранови, ja примени на археолошката енигма истиот тип на статистика што се користи за следење на деформациите во ткивото на простор-времето.

Обајцата истражувачи, независно еден од друг, дошле до заклучок дека прстенот на календарот првично имал 354 или 355 дупки.

Дали со ова мистеријата е решена? Не баш. Ако се покаже дека двајцата научници, кои не се експерти нуту за археологија ниту за уредот од Антикитера, сепак се во право, нивната теорија би ги превртела од опаку и најакредитираните модели за толкување на древната машина и начините за нејзина употреба. Оттаму воопшто не изненадува тоа што многумина од археолозите и не се согласуваат со нивните заклучоци.

Тони Фрит од Универзитетскиот колеџ во Лондон, кој е и експерт за механизмот од Антикитера, во неговото интервју во интервју за Њујорк Тајмс вели дека древната и изненадувачки напредна машина веќе содржи многу попрецизен лунарен календар, заснован на метонскиот циклус – именуван по грчкиот астроном Метон (5 век п.н.е.). Која би била тогаш поентата да се вметне и втор, помалку точен календар?

Другите научници, пак, сметаат дека дури да се покаже дека новата проценка за бројот на дупки е точна, тоа нема да претставува доволна поткрепа за постоењето на втор, излишен лунарен календар.

Клучни зборови: