Тројца лекари од Тексас, меѓу кои и д-р Пол Марик од FLCCC, поднесоа тужба против ФДА, обвинувајќи ја дека им наштетила на нивните медицински практики. Случајот беше решен деновиве со спогодба, јави The Epoch Times. Според спогодбата, ФДА се согласи да ги избрише сите омаловажувачки и несоодветни објави во врска со користењето на Ивермектин против ковид што ги направила на социјалните мрежи (фејсбук и твитер) и интернет воопшто и никогаш повторно да не ги постира.
Ивермектинот, којшто е пред сè антипаразитски лек, но се покажал ефикасен и во третирање на низа вируси, донесе надеж и добри резултати во третирањето на ковидот, особено во време кога другите лекови и третмани потфрлуваа со резултати. Но, американската Агенција за храна и лекови (ФДА) на социјалните мрежи имаше повеќе објави во кои сугерираа дека ивермектинот како лек е наменет за животни, а не за луѓе, иако самите тие го имаат одобрено за хумана употреба уште во 90-тите години од минатиот век (на што изгледа ‘подзаборавиле’). Најпозната од оваа серија, некогаш и навредливи и омаловажувачки објави, беше и познатата „Ти не си коњ“. Овие објави ги поттикнуваа и други лица да ја обесхрабруваат и омаловажуваат употребата на Ивермектин за третирање на ковид-19.
Американската ФДА реши да се спогоди со лекарите кои ја тужеа за мешање во нивната лекарска практика со оцрнување на лекот Ивермектин и омаловажување на оние што го користат.
„ФДА ја губи војната со ивермектинот и се согласува да ги отстрани сите објави на социјалните мрежи и насоките за употреба наменети за потрошувачите во врска со ивермектинот и ковид, вклучително и нејзиниот најпопуларен твит во историјата на ФДА“, изјави д-р Мери Тали Боуден, една од лекарите. „Овој историски случај поставува важен преседан во ограничување на мешањето на ФДА во односот лекар-пациент“.
Еден од лекарите кои се дел од тужбата кон ФДА на нашите читатели им е добро познат – Д-р Пол Марик од Алијансата на работници од првата линија за критична нега на болни од ковид-19 – FLCCC (Front Line Covid-19 Critical Care Alliance). Во врска со спорот со ФДА и исходот на тужбата тој изјавува:
„Исклучително сме задоволни од исходот на спогодбата бидејќи тоа е победа за секој лекар и пациент во Соединетите Држави. ФДА се вмеша во медицинската практика со нивниот неодговорен дискурс и објави за ивермектинот. Никогаш нема да дознаеме колку животи биле погодени затоа што на пациентите им бил оневозможен пристап до третман кој спасува живот бидејќи нивниот лекар „само ги следел препораките од ФДА““.
ФДА веќе ја отстрани страницата на која пишува: „Дали треба да земам ивермектин за да спречам или лекувам ковид-19? Не.“. Во рок од 21 ден, ФДА треба да отстрани уште една страница насловена „Зошто не треба да користите ивермектин за лекување или спречување на ковид-19“, се вели во соопштението во врска со спогодбата.
Овој случај претставува значаен развој во тековната дебата за употребата на Ивермектин во третманот на ковид-19. Додека дел од лекарите и пациентите се залагаат за неговата употреба врз основа на искуствени докази и некои студии, други, поддржани и од ФДА, се против неговата употреба повикувајќи се на недостатокот од големи, рандомизирани контролирани испитувања кои ја покажуваат неговата ефикасност и безбедност во лекувањето на ковид-19.
Решението на оваа тужба претставува пресвртница во стратегијата за јавна комуникација на ФДА во врска со ивермектинот. Сепак, интересно е тоа што ставот на ФДА во врска со употребата на Ивермектин за третирање на ковид-19 и понатаму останува ист. Според нивните изјави “примарната грижа на ФДА останува безбедноста и благосостојбата на јавноста и таа продолжува да ги советува поединците да се консултираат со здравствените работници за соодветни третмани за ковид-19”.
За потсетување ЕМИТЕР од самиот почеток го следеше развојот на настаните и потрагата по соодветен третман за ковид-19. Нашиот соработник Марјан Божиновски во пандемискиот периодот со серија написи известуваше за новостите на ова поле, ги следеше вестите и научните студии за ефикасноста на секој од третманите за сузбивање на ковидот, а особено за успешноста на употребата на ивермектинот и предноста што тој ја има наспроти другите третмани. Да потсетиме и дека оваа серија написи на крај резултираше со усвојување на терапијата со ивермектин и во Македонија на почетокот од 2021 година (види Ивермектин ќе се користи против ковид-19 и во Македонија). Интересно е што нашиот напис “Навистина ли постои безбеден, ефективен и евтин лек за ковид-19?” во комбинација со написот во кој станува збор за протоколите на примена на ивермектинот “Група видни доктори од САД со барање за итна примена на Ивермектин против ковид-19”, беа употребени за информативната брошура којашто Лекарската комора на Македонија им ја испрати на медицинските лица за примена на овој лек.