Веќе извесно време се залагам за инвестирање во нуклеарни електрани базирани на мали нуклеарни реактори (Small Nuclear Reactors – SMR). Минатата недела ЕСМ најави можно вложување во овој вид електрани. Идејата е одлична и заслужува поддршка, но треба да бидеме максимално внимателни поради можноста повторно да ни се подметне некаква штетна зделка, по примерот на Чебрен и Митилинеос. За да го избегнеме ова, но и за да ги препознаеме предностите на овој вид енергија, потребно е да се едуцираме нешто повеќе за малите нуклеарни реактори. Па да започнеме...
Минатата недела ЕСМ најави можно вложување во нуклеарни електрани базирани на мали нуклеарни реактори (Small Nuclear Reactors - SMR), за што се залагам веќе извесно време. Предложената цена за изградба по системот „клуч на рака“ на нуклеарна електрана базирана на мал нуклеарен реактор, во рамките на повеќето понудувачи изнесува околу 4,2 милиони евра/MW иако, доколку почекаме една или две години, нови компании – стартапи најавуваат двojно пониска цена.
На пример, компанијата Open-100.com дури нуди бесплатни планови за самите да изградиме своја мала нуклеарна централа за само 2,4 милиони евра/MW, практично колку за Чебрен. Во државата би можел секој град со повеќе од 10 000 жители (на пример Ресен или Радовиш) да има свој микрореактор, па така не само што ќе генерира електрична енергија, туку ќе обезбеди бесплатно греење од разбивање на атоми за целиот град. (за ова делумно пишувавме во Нуклеарен камбек)
Ќе видиме и дека нуклеарното гориво, иако со цена на историскиот максимум, учествува во вкупната цена на електричната енергија само со 7 евра/MWh, што е речиси бесплатно. После отплатата на електраната ќе имаме поевтина енергија дури и од фотонапонските централи, пред сé поради високиот капацитетен фактор.
Населението не треба да се плаши од новата технологија, која дава најчиста и најбезбедна енергија, која може да спаси до 3000 луѓе годишно, колку што моментално умираат во Македонија како последица на загадениот воздух. Инаку, до денеска вкупниот број на жртви од мирнодопска примена на нуклеарната енергија во светот изнесува само 48 луѓе, сите од инцидентот во Чернобил, кои можеле да бидат избегнати со малку повеќе промислено однесување како што направиja Јапонците после инцидентот во Фукушима-Даиичи.
Првиот чекор ќе биде на полето на образованието и разбивањето на митовите за нуклеарната енергија, односно поминување на истиот трнлив пат како со вакцините. За ова ќе пишуваме повеќе во претстојниот период, особено за безбедноста, технологијата и исплатливоста.