Овие мали модуларни реактори (Small Modular Reactor – SMR) се иднината на зелената енергија. Допрва ќе слушаме за SMR технологијата, а Европскиот парламент на 12.12.2023 година усвоил „иницијативен извештај“ за SMR и значењето на оваа нова технологија за идниот европски енергетски систем.
Низ целиот свет никнуваат стартапи за оваа нова технологија, а американската компанија OPEN-100 нуди бесплатни планови/цртежи за самостојна изградба на мала нуклеарна електрана, со цел да ја зголемат 100-кратно примената на нуклеарната енергија до 2040 година и да ја забрзаат Зелената транзиција.
Нивните мали модуларни нуклеарни електрани можат да се градат локално со домашна работна сила, а вкупната цена по 1 kW инсталирана моќност, генериранa од 114 MW SMR изнесува само 2653 американски долари, односно околу 2400 евра!
Централата од 114 MW ќе чини само 303 милиони американски долари, односно околу 275 милиони евра. Меѓутоа, бидејќи работи со преку 90% од инсталираната моќност и генерира околу 900 GWh/год. (4 пати колку Чебрен од редовниот проток), многу бргу ги враќа вложените пари.
Се градат многу бргу, за само две години. Како нуклеарно гориво користат стандардни пелети од UO2 (ураниум диоксид) со 4,96% збогатен ураниум U-235. Употребеното гориво се заменува на секои 72 месеци, а застојот за замена трае само 3 месеци.
Израмнетата цена на електричната енергија (Levelized Cost of Electricity - LCOE), изведена од инвестициските трошоци и цената на горивото од оваа SMR би чинела само 36 американски долари/MWh, односно околу 33 евра/MWh, што е дури поевтино и од енергијата од фотонапонските електрани, при капацитетен фактор од 90%, што значи произведуваат чиста базна енергија (за разлика од фотонапонските со одвај околу 20%).
Но, тоа не е сé. Во посебен осврт ќе видиме дека LCOE=33 евра/MWh е средната цена во 20-годишен временски период, односно цената во десеттата година од денес. При стапка на инфлација од 2,5%, денешната цена, која ги покрива сите трошоци за изградба и експлоатација изнесува само 27 евра/MWh. Нигерија веќе започнува да гради електрани според нивните планови.
Се појавуваат и други стартапи, на пример Last Energy, со нивните мали модуларни 20 MW нуклеарни електрани PWR-20, што можат лесно да се стекираат/прошируваат до потребниот инсталиран капацитет.
Заедничко за сите овие SMR е што се базираат на реактори со вода под притисок (PWR – Pressurized Water Reactor) со топлоизменувач за генерирање пареа, кои се инхерентно безбедни, односно не можат да „забегаат“ од прегревање. Накратко, кај нив температурниот коефициент на реактивност е негативен, односно при прегревање им се забавува верижната реакција и спонтано се ладат, обратно од графитниот реактор во Чернобил.
Ќе ни треба извесно време да се образуваме за нуклеарната енергија, но откако ќе сфатиме дека има многу неоправдани митови поврзани за неа, ќе посакаме и самите да изградиме нуклеарка и да ги решиме нашите енергетски маки.
Прерано се откажавме од нуклеарната енергија, но доаѓа времето да и се вратиме. Во меѓувреме, мораме да образуваме машински, градежни и електро инженери за новото време.
Сајтовите world-nuclear.org и nucnet.org нудат многу корисни информации и најнови вести за нуклеарната енергија.