Рубрика: Медицина
САД крена аларм за сифилис – забележан пораст на регистрирани случаи кај сите возрасни групи
Објавено на 02.02.2024 - 13:45

Соединетите американски држави се соочуваат со епидемија на сексуално преносливи болести. Во 2022 година, која е последна година за која има информации, биле регистрирани 2,5 милиони случаи на хламидија, гонореја и сифилис. Американскиот центар за контрола и превенција на болести (CDC) го вклучи алармот по Извештајот за надзор за сексуално преносливи инфекции. Иако извештајот открива дека хламидијата, последните неколку години останува како доминантна инфекција помеѓу сексуално преносливите болести, со регистрирани преку 1 758 000 случаи, она што особено загрижува е порастот на случаите со сифилис. Имено, во последните 5 години бил забележан пораст од 80%, и зголемување за 17% во однос претходната, 2021 година.

Инциденцата на сифилис е зголемена кај сите возрасни групи, вклучително и кај новороденчињата, кои можат да се заразат од бремената мајка преку плацентата и за време на породувањето, со што доаѓаат на свет со ран вроден сифилис. Болеста што ја предизвикува бактеријата Treponema pallidum може да има мошне сериозни последици врз новороденчето, како бавен раст, менингитис, конвулзии и интелектуална попреченост.

Во 2022 година, во CDC биле пријавени повеќе од 3700 случаи на конгенитален сифилис, сифилис наследен од мајката, што е речиси 11 пати повеќе од пред 10 години. Болеста предизвикала 231 случаи на перинатална смрт и смрт на 51 новороденче.

Во 2022 година во САД биле регистрирани вкупно 203 500 нови случаи на сифилис. Болеста се пренесува преку сексуален и орален однос, а се лекува со антибиотици. Превенцијата, во вид на раните тестови за секого, а особено за трудниците, како и навремените терапии, би можеле да спречат 88% од случаите. Па, како САД се дојдоа до ова дереџе?

Според некои експерти интервјуирани од Њујорк Тајмс, постојат неколку причини за порастот на заболувања од сифилис и од други сексуално преносливи болести: растечката злоупотреба на супстанции забележана последните години, како појава поврзана со ризично сексуално однесување; напредокот во борбата против ХИВ вирусот како несакан ефект донесе намалување на употребата на кондоми кои се неопходни за спречување и на други сексуално преносливи инфекции; и најмногу политички инструираното затворање на многу од клиниките за сексуално здравје во земјата, што ги направили услугите за репродуктивно здравје несоодветни во споредба со потребите на регионот. Последново станува особено сериозен проблем во Соединетите Држави, ако се има предвид дека здравствените работници во овие установи ја водеа битката за право на абортус.

Иако сите заедници се засегнати, најголем број случаи биле регистрирани воглавно кај етничките малцинства. Афроамериканците сочинуваат 30% од пациентите со случаи на примарен или секундарен сифилис (првите две фази на болеста). Но, инциденцата е уште поголема кај домородните Американци и домородните популации на Алјаска (67 случаи на 100 000 луѓе).

Сексуално преносливите болести, особено сифилисот, ќе продолжат да излегуваат од контрола додека администрацијата и Конгресот не им ги дадат на заедниците потребни средства за да ги обезбедат најосновните услуги за скрининг, третман и превенција“,предупредува и американската Националната коалиција на за спречување на СПБ (National Coalition of STD Directors – NCSD), која ги обединува најважните медицински експерти за сексуално преносливи болести.

Во меѓувреме, ‘најмоќната земја во светот’ се соочува со нов, суштински предизвик за јавното здравје.

Клучни зборови: