Рубрика: Астрономија и астронаутика
Историско достигнување на Индија – погонскиот модул од Чандрајан 3 вратен во орбита на Земјата
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 05.12.2023 - 13:00

Индиската вселенска агенција (ISRO) постигна историски, но неочекуван подвиг со повторното поставување на погонскиот модул од нивната лунарна сонда во орбитата на Земјата. Потфатот, кој иако првично не беше предвиден, беше успешно завршен и претставува важна пресвртница како за ISRO, така и за вселенските истражувања, воопшто.

Тестот, како што соопшти ISRO, се состоел од безбедно враќање на погонскиот модул (PM) од  сондата Чандрајан 3 (Chandrayaan-3), којшто беше лансирана во јули оваа година за потоа да има меко спуштање на површината на Месечината во август. PM овозможи сондата да ја досегне орбитата на Месечината и потоа беше користен за спуштање на лендерот Викрам. Откако ги постигна сите цели на лунарната мисија, ИСРО одлучи да го искористи вишокот гориво на погонскиот модул за да спроведе експеримент – обид за негово безбедно враќање во Земјината орбита.

ISRO внимателно ја планираше новата траекторија за модулот, по којашто тој ќе премине од лунарната во земјината орбита. Маневрите за враќање започнаа во октомври, при што погонскиот модул изврши четири лунарни прелети пред, на 10 ноември, да ја напушти гравитациската сфера на влијание на Месечината. Сондата потоа го користеше гравитациското влијание на Земјата сѐ дури не стигна до неа и во моментов PM контролирано орбитира околу нашата планета, без да претставува закана за другите оперативните сателити, врз основа на тековните орбитални предвидувања.

Експериментот беше успешен и што е најдобро, целата процедура помина без никакви неочекувани настани. Инструментите на леталото, исти така, продолжуваат да функционираат според планираното, обезбедувајќи вредни податоци за набљудување на Земјата.

Какво значење има овој историски потфат на индиската вселенска агенција?

Успехот има неколку позитивни последици. Прво, ја покажува способноста на ISRO да врши сложени маневри во орбитата на Месечината. Второ, го продолжува времетраењето на мисијата на погонскиот модул, којшто ќе продолжи да дава научни податоци. Конечно, подвигот претставува важна пресвртница за вселенската наука воопшто, бидејќи ја демонстрира можноста за враќање на лунарните сонди во орбитата на Земјата.

Индиската вселенска агенција покажа дека е способна за изведување на сложени маневри и за остварување на амбициозни цели. Со нетрпение го очекуваме следниот нивен потег.

Клучни зборови: