На 23 август, Индиската организација за вселенско истражување (ISRO) успешно слета на Месечината со мисијата Чандрајаан-3. Со овој чин Индија стана четвртата земја која успешно постави сонда на Месечината и прва што слета на лунарниот јужен пол. Сите претходни месечеви мисии слетуваа во пределот на месечевиот екватор. Сондата со себе носи и месечев ровер кој веќе се "искрца" на површината и треба да започне да испраќа слики и податоци назад на Земјата.
Ова беше рекордна недела за истражување на вселената, и покрај неуспехот на руската мисија која заврши со удар на сондата во површината на Месечината. Првото советско и американско меко слетување на Месечината се случи во 1960-тите, во зората на вселенската трка. Но, од тие рани успеси до сега Кина е единствената земја покрај Русија и САД на која и успеало да изведе меко слетување на површината на Месечината.
Имено, самото вивнување во вселената претставува огромен инженерски предизвик, а Месечината е особено незгодна цел. За разлика од Земјата или Марс, нашиот сателит нема атмосфера, така што не постои ништо што би помогнало вселенското летало природно да се забави при спуштањето – просто кажано отсуството на атмосфера го оневозможува користењето на падобрани или глајдери за меко спуштање на Месечината. Единствен начин тоа да се изведе е контролирано спуштање на сондата со помош на ракетни мотори сè до конечниот допир со површината. Притоа, ракетните мотори мора да се исклучат во точно одреден момент за да не се случи леталото да отскокне од површината на Месечината. Она што го прави слетувањето уште поголем предизвик е самиот лунарен релјеф – мноштвото од камења и кратери, а вселенските летала треба да го совладаат овој терен воглавно сами.
Месечината е доволно далеку од командните центри на Земјата, да тоа ја исклучува моменталната реакција што секој далечински управуван уред ја има на Земјата, па така лендерот мора да биде однапред програмиран да се справи со сите предизвици што ќе овозможат негово безбедно слетување.
Ова не е прва посета на Индија на Месечината. Имено, индиската месечева програма започна во 2008 година, со мисијата мисијата Чандрајаан-1 (Chandrayaan-1) и испраќање на лунарен орбитер и летало што намерно беше упатено да удри во површината на Месечината.
Првиот обид за меко слетување Индија го имаше со мисијата Чандрајаан-2 (Chandrayaan-2) во 2019 година. За жал, тој лендер, наречен Викрам по физичарот Викрам Сарабхаи, во последните фази од неговото спуштање се урна на површината на Месечината. Лунарниот орбитер на НАСА подоцна забележал остатоци од падот на Викрам – парчиња метал расфрлани низ лунарниот пејзаж. Но орбитерот од мисијата Чандрајаан-2 остана оперативен и продолжи да собира податоци за поддршка на тековниот обид за слетување на Месечината.
Вселенското летало на мисијата Чандрајаан-3 (Chandrayaan-3) влезе во месечевата орбита на 5 август, на 17 август се одвои од својот погонски систем, па на 18 август направи неколку слики од Месечината. Додека лендерот се спушташе на Месечината во наредните денови, најопасниот момент беше последниот чекор при слетувањето: фазата на фино сопирање, којашто тој успешно ја помина.
Сега треба да очекуваме возбудливи научни истражувања. Имено, како што споменавме Чандрајаан-3 е прв лендер што успешно слета на јужниот пол на Месечината, место на коешто се смета дека постојат наслаги на вода. Водата е клучен ресурс за идното долгорочно истражување на вселената, и како животен ресурс за астронаутите и така и за нејзина преработка и употреба како ракетно гориво. Лендерот на Чандријаан-3, исто така наречен Викрам, со себе носи и мал ровер именуван Прагјан (Pragyan), тежок околу 50 килограми. Роверот, кој веќе се спушто по рампата, е планирано да се движи по површината на Месечината околу две недели. Опремен е со два спектрометра, кои можат да го измерат составот на карпите и почвата, со што на научниците ќе им обезбедат клучни информации за овој досега претходно неистражен регион на Месечината.
За потсетување, кон месечевиот Јужен пол цели и НАСА со програмата Артемида, која треба да го отвори патот кон постојано човечко присуство на нашиот најголем природен сателит. Во јуни 2023 година, Индија ја потпиша Спогодбата Артемида (Artemis Accords) кој обврзува на соработка помеѓу земјите во истражувањето на вселената. Индија во соработка со Јапонија, која исто така е потписник на спогодбата, дури изработува уште еден ровер чијашто цел ќе биде лунарниот јужен пол и потрага по повеќе вода.
Со оглед на тоа што сè повеќе нации се обидуваат да слетаат на Месечината, лекциите од успехот на Чандрајаан, но и неуспехот на другите мисии, ќе бидат од голема помош при планирањето на сите следни обиди.