Рубрика: Историја и археологија
Дали е пронајдена пирамида стара 27 000 години?
Објавено на 01.12.2023 - 16:15

Извештајот од едно археолошко истражување, поставен на платформата со отворен пристап Wiley, во кој се тврди дека структура пронајдена во Индонезија е најстарата пирамида во светот, предизвика лавина од реакции и многу критики од некои од археолозите кои сега инсистираат на повеќе и недвосмислени докази за ова тврдење. Сензационалното истражување заклучува дека постои пирамида која се наоѓа под праисториската локација Гунунг Паданг во Западна Јава, Индонезија, која можеби била изградена пред 27 000 години. Ова би значело дека таа е многу постара од првата египетска пирамида, Џосеровата пирамида изградена пред 4600 години. Исто така, тоа би значело дека оваа градба настанала пред најстарата позната мегалитска локација Гебекли Тепе во Турција, која била изградена пред околу 11 000 години!

Откритието, ако се покаже точно, целосно би го променило она што го знаеме за човечката цивилизација на тие простори. „Пирамидата стана симбол на напредна цивилизација во античкиот период“, вели коавторот на трудот, Дени Хилман Натавиџаја, геолог при Националната агенција за истражување и иновации (BRIN) во Бандунг, Индонезија, кој продолжува: „Не е лесно се градат пирамиди. За тоа се потребни високи ѕидарски вештини“.

 

Реконструкција на археолошкиот локалитет Гунунг Паданг: (1) камени тераси изградени помеѓу 2000 и 1100 година пне. (2, во жолта боја); закопан слој во облик на пирамида составен од колонообразни карпи изградени околу 6000–5500 п.н.е.; (3, зелено) датира од 25 000 –14 000 п.н.е. (4) масивната извајана базалтно-андезитна лава. © Archaeological Prespection

Но многумина од археолозите, колеги на Натавиџаја, и не веруваат во веродостојноста на наодите. Лутфи Јондри, археолог во БРИН во Бандунг, Индонезија, вели дека неговото истражување покажало дека жителите на регионот живееле во пештери пред помеѓу 12 000 и 6 000 години, долго по наводната изградба на пирамидата, и никакви ископувања на локалитети од тој период не откриваат докази за софистицирана камена ѕидарија. „Изненаден сум што статијата беше објавена таква каква што е“, вели Флинт Дибл, археолог на Универзитетот Кардиф во Обединетото Кралство. Според истражувачот, иако трудот прикажува „реални податоци“, заклучоците за локацијата и староста не се оправдани.

Според студијата, Гунунг Паданг се состои од пет камени тераси кои формираат катови, со потпорни ѕидови и спојни скали, сите на врвот од изгаснат вулкан. Во периодот помеѓу 2011 и 2014 година, Натавиџаја и колегите ја проучувале локацијата користејќи различни техники за истражување на тлото за да утврдат што се крие под видливите тераси. Тие идентификувале четири слоја кои, според истражувачите, претставуваат одделни фази на градба. Највнатрешниот слој е зацврстено јадро од лава, кое е „педантно извајано“. Последователните слоеви од карпи, „сложени како ѕид од тули“, биле надградени врз постариот слој.

Изложеност на бета-2 карпи на западната падина.

Слоевите биле датирани со јаглерод, при што биле користени примероци извлечени од јадрото издупчено во ридот. Првата фаза на изградба се случила некаде пред 27 000 до 16 000 години. Дополнителни доградби биле направени во периодот пред 8000 до 7500 години, а последниот слој, вклучувајќи ги и видливите скалести тераси, бил поставен некаде пред 4000 до 3100 години.

Дибл тврди дека нема јасен доказ дека закопаните слоеви биле изградени од луѓе и дека тие може да се резултат на природни атмосферски влијанија и движење на карпите со текот на времето. Но Натавиџаја одговара дека камењата во облик на столб биле премногу големи и уредно поставени за едноставно да се стркалале и останале таму каде што лежат.

Уште еден глас што не се согласува дека се работи за градба доаѓа од Бил Фарли, археолог од Државниот универзитет во Јужен Конектикат во Њу Хевен, кој вели дека студијата не обезбедила докази за постоење на напредна цивилизација за време на последното ледено доба. Примероците од почвата на Гунунг Паданг, стари 27 000 години, иако се внимателно датирани, немаат карактеристични знаци на човечка активност, како што се остатоци од јаглен или фрагменти од коски.

Резултати од геоархеолошко копање на ровови.

Ајлин Ерненвејн, геофизичар-археолог на Државниот универзитет во Тенеси во Џонсон Сити и ко-уредник на списанието што ја објави статијата, во електронска порака упатена до Nature вели: „Уредниците, вклучително и јас, и етичкиот тим на Вајли, во моментов го истражуваат овој напис во согласност со Упатствата за етика на Комитетот за објавување“. Натавиџаја се надева дека контроверзноста нема да предизвика непријателство во научната заедница и вели: „Ние сме навистина отворени за сите истражувачи од целиот свет кои сакаат да дојдат во Индонезија со некоја истражувачка програма за Гунунг Паданг“.

Она што е сигурно е дека сето тоа многу потсетува на приказната за „босанските пирамиди“ на Семир Османагиќ, кои наводно биле изградени пред околу 12 000 години. За потсетување и тој наиде на спротивставување од археолошката заедница и сè заврши без никаков заклучок или потврда за точноста на тврдењата.

Многупати досега колонообразните базалти можат да ги измамат археолозите да ги протолкуваат како вештачки конструирани елементи, иако се работи за природни структури што се формираат при процесите на ладење на лавата.

Клучни зборови:
Реконструкција на археолошкиот локалитет Гунунг Паданг

Реконструкција на археолошкиот локалитет Гунунг Паданг: (1) камени тераси изградени помеѓу 2000 и 1100 година пне. (2, во жолта боја); закопан слој во облик на пирамида составен од колонообразни карпи изградени околу 6000–5500 п.н.е.; (3, зелено) датира од 25.000–14.000 п.н.е. (4) масивната извајана базалтно-андезитна лава. © Archaeological Prespection

Изложеност на бета-2 карпи на западната падина.

Изложеност на бета-2 карпи на западната падина.

Резултати од геоархеолошко копање на ровови.

Резултати од геоархеолошко копање на ровови.