Во 2024 година (точниот датум сè уште не е познат) астрономите очекуваат дека во текот на неколку дена објектот T CrB, во соѕвездието Северна Круна (Corona Borealis), ќе го зголеми сјајот, а потоа ќе се врати во првобитната состојба. T CrB е бинарен ѕвезден систем составен од масивно бело џуџе и црвен џин, а се наоѓа во нашата галаксија на оддалеченост помеѓу 2 600 и 3 130 светлосни години од нас. Она што го прави T CrB интересен е тоа што неодамна, објектот беше идентификуван во ракопис од 1217 година, а тоа не е единственото изненадување.
Дискот околу белото џуџе е составен главно од водороден гас, материјал што постојано се зголемува, со оглед на тоа што белото џуџе, поради големата гравитација, континуирано “краде” материјал од неговиот придружник, црвениот џин. Акрецискиот диск паѓа полека, спирално, кон површината на ѕвездата и периодично, приближно на секои 80 години, по достигнувањето на критична маса, доаѓа до нагла трансформација на кинетичката енергија на гасот од дискот во топлина. Ова предизвикува нуклеарна фузија на водородот што пак доведува до зголемена сјајност на ѕвездата, феномен што ја наведува самата ѕвезда да се дефинира како „нова“.
Но, како може да го предвидиме овој настан? Се чини дека T CrB има мошне интересна историја. Во 1217 година, германскиот монах Абот Бурхард (Abbott Burchard) го набљудувал ѕвезденото небо во правец кон југозапад и забележал дека една од ѕвездите, што вообичаено била бледа, сега сјае со необичен интензитет. Нејзиниот сјај продолжил да се зголемува во текот на околу една недела. Бурхард, кој бил раководител на опатијата Урсберг во тоа време, го запишал настанот во своите анали. „Беше забележан прекрасен знак“, запишал тој, додавајќи дека мистериозниот објект во соѕвездието Корона Бореалис „сјае со голема светлина“ во текот на „многу денови“.
Локацијата на T Coronae Borealis (заокружена со црвено) Извор: Википедија
Сега, астрономот Бредли Е. Шефер од Државниот универзитет во Луизијана, во неговиот трудобјавен деновиве на arXiv.org, тврди дека ѕвездата којашто Бурхард ја опишува дека „сјаела“ на аномален начин, всушност би можела да биде T CrB.
Доколку неговите наоди бидат потврдени, откритието ќе биде навистина големо, со оглед на тоа што феноменот е научно документиран и потврден само два пати досега, и тоа во многу поблиската историја – во 1866 и во 1946 година. За волја на вистината, постои и трета опсервација на настанот од 1787 година, забележан од свештеникот и астроном Френсис Воластон. Но, неговиот опис е ненаучен и речиси никој не го смета за валиден. Се смета дека следната, 2024 година, треба да имаме можност повторно да ја видиме овој необичен настан.
Други астрономи прашуваат како можеме да бидеме сигурни дека Бурхард го открил T CrB, а не некој друг небесен феномен како, на пример, супернова (ѕвезда што експлодира на крајот од својот живот) или можеби комета?
Corona Borealis или Северната круна (лево) е мало соѕвездие на пролетното северно небо. За да го најдете, побаракте го на околу 20° североисточно од брилијантниот Арктур (Alpha Boötis). Фото илустрацијата десно ја покажува T CrB како би можела да изгледа при зголемен сјај. Извор: Астрономи
Шефер речиси веднаш ја отфрла можноста дека се работело за супернова. Имено, доколку Бурчард бил сведок на еден ваков насилен настан, тој зад себе би оставил траги што и ден денес би биле јасно видливи. Пример за тоа е маглината Рак – остаток од супернова која експлодирала пред околу 1000 години и која денес е сè уште видлива за повеќето телескопи, дури и за малите. Но, во Корона Бореалис нема остатоци од супернови.
Светлосната крива на T Coronae Borealis за време на нејзината ерупција во 1946 година, исцртана од податоците на AAVSO Извор: Википедија
Друга можност е дека монахот да забележал комета. Според една хроника од манастирот Свети Стефан во Грција, на почетокот на таа година на небото била видлива една комета. Но, Шефер ја исклучува и оваа можност, со оглед на тоа што „повеќето монаси од тоа време биле запознаени со [изгледот на] кометите, така што е малку веројатно Бурхард да не го опишал присуството на опашка и да направил слична грешка“.
Сега има големо исчекување за следниот блесок, од 2024 година, кој треба да се случи кон крајот на годината. Во меѓувреме, истражувачите ќе продолжат да копаат низ старите архиви за да ја ја реконструираат приказната на T CrB, со оглед на тоа што деталната хронологија би овозможила попрецизни предвидувања за идното однесување на ѕвездата.