Минатиот месец Бетелгез повторно се најде во фокусот на астрономите. Неговиот сјај се зголеми за 50% и некои научници во ова гледаат знак дека ѕвездата е пред експлозија. Имено, со секој нов поглед кон Бетелгез, ѕвездата оддалечена некаде помеѓу 500 и 630 светлосни години од нас и околу 135 000 пати посветла од Сонцето, растат шпекулациите за нејзината (повеќе или помалку неизбежна) експлозија во супернова. Но, без паника.Всушност, се наоѓаме на доволно големо растојание за да не трпиме последици. Имајќи го ова предвид би било навистина уникатен спектакл ако ни се пружи можност за набљудување на ѕвездата во нејзината експлозивна фаза.
Неодамна црвениот суперџин (ѕвезда со огромен волумен којашто е на пат да експлодира) ја го зголеми нејзиниот сјај за околу 50% и поради оваа причина повторно се зборува за неа. Дали е ова сигнал дека Бетелгез ќе експлодира во супернова? Не знаеме, но меѓу експертите постои согласност дека порано или подоцна ѕвездата сигурно ќе експлодира. На прашањето кога ќе се случи ова, одговорите се помалку конвергирани. Однесувањето на ѕвездата е, во најмала рака, сложено и тешко разбирливо.
Освен што е црвен суперџин, Бетелгез истовремено е и ѕвезда полуправилен променлив пулсар. Ова значи дека промените во сјајот на оваа ѕвезда се случуваат во променливи периоди што го отежнува следењето на нејзината еволуција. И не само тоа – пред неколку години, сјајот на Бетелгез потемне, што им создаде многу главоболку на астрономите кои се прашуваа “зошто?”. Подоцна беше откриено дека сјајот на ѕвездата всушност не се променил. Едноставно, ѕвездата исфрлила материјал од својата површина, ова привидно ја оладило бидејќи оформениот облак од прашина ја „блокирал“ светлината што ја емитува ѕвездата. Епизодата беше наречена „Големото затемнување“.
Сега сјајот расте и затоа ѕвездата повторно го привлекува вниманието на научниците. А едно ново истражување предлага дека Бетелгез би можел да се претвори во супернова и порано од очекуваното.
Конкретно, тим на истражувачи предводен од Хидејуки Саио од Универзитетот Тохоку во Јапонија неодамна објави статија во Monthly Notices of the Royal Astronomy Society, во којашто наведуваат дека Бетелгез би можел да биде следната супернова во Млечниот Пат за релативно кратко време . „Според нашето истражување, Бетелгез е во напредна фаза на согорување на јаглеродот присутен во јадрото и поради оваа причина е добар кандидат да биде следната галактичка супернова“, пишуваат тие.
Последната супернова експлозија во Млечниот Пат забележана од луѓето датира од 1604 година. Во текот на својата историја, долга некаде помеѓу 8 и 8,5 милиони години, Бетелгез трансформирал големи количини водород во хелиум, ослободувајќи ја масата изгубена од таа фузија како енергија. Но, овој процес привршил и затоа веќе не го спојува водородот во хелиум, како што тоа во моментов го прави Сонцето. Кога ѕвездите како Бетелгез губат маса, нивната гравитација повеќе не може да го издржи притисокот кон надвор и тие се шират со сѐ поголема, понекогаш џиновска ѕвездена обвивка. Така, и покрај губењето на масата, тие растат во големина.
Последователно, во јадрата на овие ѕвезди, почнува да се акумулира јаглеродот сѐ дури не започне период на негово согорување, при што се произведуваат други елементи. Авторите на студијата тврдат дека Бетелгез е во последната фаза од овој последен период, кој ѝ претходи на експлозијата. Кога таа ќе се случи, точно, не се знае. Моделите направени од Саио предлагаат дека ѕвездата е прилично блиску до терминалната фаза на јаглеродот.
Конечно, постои растојание помеѓу нас и ѕвездата за да ги комплицира работите. „Иако е на оддалеченост што овозможува добро детално проучување со помош на соодветна инструментација, несигурноста околу неговата оддалеченост останува критична пречка за подлабоко разбирање“, се вели во студијата на Бетелгез.
Локацијата на Бетелгез (стрелка) во соѕвездието Орион
Што ќе се случи кога ѕвездата ќе експлодира? Ќе исфрли материјал во големи количини и ќе произведе моќни рендгенски зраци и УВ зрачење (не грижете се, ние сме премногу далеку за да бидеме погодени), создавајќи светлосно шоу видливо за целото човештво и менувајќи го засекогаш соѕвездието Орион. Научниците велат дека по експлозијата Бетелгез зад себе најверојатно ќе остави неутронска ѕвезда, веројатно пулсар кој ќе биде видлив со милиони години. Целиот настан, од почеток до крај, ќе биде невидена можност за проучување на ѕвездената еволуција, супернова експлозиите и ѕвездени остатоци. Ударниот бран од суперновата ќе пристигне на Земјата по околу 100 000 години и лесно ќе биде отфрлен од магнетосферата на нашето Сонце.
Инаку, ѕвездата Бетелгез кај народот во Македонија е позната под името Орач, Терач или Рале. За оваа ѕвезда се знае во речиси сите села и е дел од основните „белези“ на небото. Соѕвездието Орион во кое се наоѓа, кај народот се нарекува Ралици, сликовито претставено како рало со волови, при што орачот се наоѓа малку подалеку од ралото.