Рубрика: Астрономија и астронаутика
Бетелгејз исфрла маса со неверојатна брзина
Автор: Андреја Бабамов
Објавено на 11.07.2012 - 10:15

Кога една ѕвезда доаѓа до крајот на својот живот, таа почнува да исфрла маса со неверојатна брзина. Новите набљудувања на суперџинот Бетелгез може да им помогнат на научниците во разбирањето на тоа како се остварува ова губење на масата.
Набљудувањата направни со телескопот VLT на Европската јужна опсерваторија во Чиле, откриваат огромно исфрлање на гасови од ѕвездата Бетелгез, во соѕвездието Орион. Оваа огромна ѕвезда има околу 20 пати поголема маса од нашето Сонце, но губи околу една сончева маса на секои 10000 до 100000 години. Оваа стапка на брзо слабеење можеби не звучи како некоја страшна "диета", но губењето на маса е околку милион пати побргу од губењето на маса кај нашето Сонце.
"Повеќето ѕвезди поминуваат низ ваква фаза кон крајот на својот животен циклус. Ние знаеме дека масата се губи, но не знаеме како се ослободува од ѕвездата", вели астрофизичарот Пјер Кервела (Pierre Kervella) од Опсерваторијата во Париз, Франција.
Набљудувањата на ова исфрлање на гас имплицираат дека Бетелгез не ја фрла масата поеднакво во сите насоки. Можеби исфрлањето е предизвикано од ротацијата на ѕвездата, која може да ја насочува масата кон половите, каде што таа може да се исфрли како сноп од честички. Можеби, пак, гасовите исчезнуваат како меурчиња при процесот на конвекција, слично на циркулирањето на водата во врел сад. Научниците сметаат дека конвекцијата може да го транспортира гасот нагоре, кон површината на ѕвездата, и дека инерцијата на ова движење прави некои гасови да се отстранат кога ќе дојдат до површината. Постојат податоци кои ги поддржуваат и двете можности, а можно е и тие да функционираат заемно.
"Постои една случајност помеѓу поларните оски на ѕвездата и насоката на исфрлањето. Но, конвекцијата изгледа дека е многу поверојатна во моментот, бидејќи постојат некои набљудувања кои покажуваат движење на гасови на површината на ѕвездата", вели Кервела при обидот да ја поддржи хипотезата за ротацијата.
Со оваа стапка, Бетелгез забрзано ја губи својата маса, а процесот води кон смрт со експлозија на супернова во следните 10000 години. "Можеби ќе експлодира за неколку илјада години, но тоа може да се случи и следната година. Не знаеме точно кога. Најверојатно има проживеано 90-95% од својот живот."
Ѕвездата веќе ја има потрошено својата залиха од водород, преку реакциите на нуклеарна фузија, и веќе е навлезена во фазата кога гори хелиум, како и други потешки елементи. Овие реакции произведуваат повеќе топлина од тоа што се произведува при согорувањето на водородот, при што се зголемува волуменот на ѕвездата. Бидејќи Бетелгез се шири во големина додека ја губи својата маса, неговата густина се намалува: ѕвездата сега има околу милијарда пати помала густина од воздухот на Земјата. Оваа неверојатно мала густина помага при губењето на масата на ѕвездата. Гасовите на површината на Бетелгез се толку далеку од неговиот гравитациски центар, што гравитацијата малку влијае на нив и тие лесно може да се исфрлат.