Лунарниот извидувачки орбитер на НАСА (LRO) пронајде остатоци на тлото на Месечината на местото каде во април требаше да се спушти приватно финансираниот лунарен лендер од мисијата HAKUTO-R. Се верува дека лендерот падна на површината на Месечината на 26 април, откако при неговото спуштање се случи аномалија.
Приватната компанијата ispace (Испејс) го лансираше лендерот за истражување на Месечината на 11 декември 2022 година користејќи ракета на SpaceX. Сондата требаше да го запише името на Испејс во историјата како прва приватна компанија што успешно спуштила робот на Месечината (за ова повеќе во Првиот обид од приватна компанија за слетување на Месечината заврши неуспешно).
Сега, НАСА објави слики од LRO за кои велат дека покажуваат ненадејна појава на „невообичаена промена на површината“ во близина на локацијата каде што лендерот требаше безбедно да слета. „Сликата покажува најмалку четири истакнати парчиња отпад и неколку мали промени [на површината на Месечината]“, велат од НАСА.
Споредба на местото на ударот пред (M192675639R) и потоа (M1437131607R). Стрелката А укажува на истакната промена на површината со поголема рефлексија во горниот лев агол и помала рефлексија во долниот десен дел (спротивно од блиските површински карпи вдолж десната страна на рамката). Стрелките B, C и D укажуваат на други промени околу местото на ударот. Лентата во долниот десен агол одговара на широчина од 50 m и го покажува размерот на прикажаниот простор. Фото: NASA’s Goddard Space Flight Center/Arizona State University
Десетте снимки што го прикажуваат местото каде требаше да слета јапонската приватна сонда се направени со помош на камерите со тесен агол на LRO, кои покриваат површина од околу 40 на 45 километри. Споредувајќи ги сликите пред и по падот, НАСА успеа да посочи неколку видливи промени на површината што, според нив, настанале присуство на објект со поголема рефлексија од она на околните карпи. Имено, блиските камења покажуваат помала рефлексија, што сугерира дека аномалиите би можеле да бидат мали кратери настанати од удар или, пак, да се повеќе различни делови од телото на лендерот.
Местото дополнително ќе се анализира во текот на следните месеци со помош на LRO – сондата во овој период ќе направи дополнителни набљудувања од различни агли и при различно осветлување.
LRO, којшто се управува од Центарот за вселенски летови на НАСА Годард, беше лансиран во 2009 година на мисија за мапирање површината на Месечината. Орбитерот досега има обезбедено огромна количина на информации за месечевото тло.
Планираните главни чекори во напорите на јапонската компанија за реализирање на 'редовен превоз' на релација Земја-Месечина-Земја Фото: ispace
Обидот на компанијата ispace да постави возило на површината на Месечината – Мисијата 1, требаше да се состои од 10 клучни точки. Леталото се урна извршувајќи ја деветтата точка од планот – слетувањето. Сè уште не е позната причината за неуспехот, но вселенските инженери сметаат дека тој сосема веројатно се должи на тоа што непосредно пред да го допре месечевото тло, лендерот останал без гориво.
Местото каде се урна Мисијата 1 HAKUTO-R, видена од камерата на орбитерот LRO на 26 април 2023 година, ден по обидот за слетување. LROC NAC слика M1437131607R. Фото: NASA’s Goddard Space Flight Center/Arizona State University
Споредба на местото на ударот пред (M192675639R) и потоа (M1437131607R). Стрелката А укажува на истакната промена на површината со поголема рефлексија во горниот лев агол и помала рефлексија во долниот десен дел (спротивно од блиските површински карпи вдолж десната страна на рамката). Стрелките B, C и D укажуваат на други промени околу местото на ударот. Лентата во долниот десен агол одговара на широчина од 50 m и го покажува размерот на прикажаниот простор. Фото: NASA’s Goddard Space Flight Center/Arizona State University