Рубрика: Астрономија и астронаутика
Првиот обид од приватна компанија за слетување на Месечината заврши неуспешно
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 26.04.2023 - 12:00

Слика од екранот со телеметриските податоци

Јапонскиот лендер Хакуто-Р (Hakuto-R) на компанијата Испејс (ispace) не успеа во обидот да влезе во историјата како прво вселенско летало од една приватна компанија и прво јапонско летало што успешно извело контролирано слетување на површината на Месечината. По испраќањето на неколку спектакуларни фотографии направени при приближувањето на леталото кон Месечината, ispace изгуби контакт со Хакуто-Р вчера во 18 часот и 40 минути по македонско време (16:40 GMT).

Oсновачот и извршен директор на Испејс, Такеши Хакамада за време на директниот  пренос од вчерашниот обид за слетување кажа: „Mора да претпоставиме дека не можевме да го завршиме слетувањето на површината на Месечината“. Компанијата продолжи да се обидува да контактира со лендерот, но досега сите обиди се безуспешни.

Како резултат на тоа, „утврдено е дека постои голема веројатност лендерот да слетал премногу тврдо на површината на Месечината. За да ја утврдат причината за оваа ситуација, инженерите на Испејс во моментов вршат детална анализа на телеметриските податоци добиени сè до крајот на секвенцата за слетување и ќе ги имаат деталите по завршување на анализата“, објави Испејс синоќа.

Прекрасна слика на 'изгреземја' направена од камерите на Хакуто-Р додека се наоѓаше во месечевата орбита

Засега сондите од владините агенции на САД, Советскиот Сојуз/Русија и Кина ќе останат единствените роботизирани истражувачи што успешно го слетале на тлото на најблискиот сосед на Земјата.

Вчерашниот обид за слетување се должи на повеќе од една деценија работа на компанијата ISpace (види Сите кон дестинацијата Месечина, па и јапонците со своја мисија). Имено од 2013 до 2018 година, компанијата работеше на Белиот зајак (Hakuto) во надеж дека ќе ја освои наградата Google Lunar X Prize, натпревар кој понуди 20 милиони долари за првата приватна компанија или поединец што ќе успее да изведе успешно слетување на роботска сонда на површината на Месечината.

Рокот во којшто требаше да се преземе овој потфат за да се освои наградата истече во 2018 година, без победник, но Испејс продолжи да го развива својот лендер. Леталото беше лансирано во вселената во декември 2022 година, со помош на ракетата Фалкон 9 на SpaceX, во рамки на мисијата што компанијата ја нарече М1.

Хакуто-Р во внатрешноста на ракетата Фалкон на СпејсЕкс, пред да се најде на лансирната рампа во декември 2022

Хакуто-Р се упати на долг и кружен пат до Месечината, пристигнувајќи во орбитата на Месечината на 20 март. Со извршување на серија маневри во текот на околу еден час лендерот успеа да се спушти на височина од 100 километри над површината на Месечината. Како место за слетување беше избрано дното на кратерот Атлас, широк  87 километри, кој се наоѓа во регионот на Mare Frigoris („Море на студенилото“) од блиската страна на Месечината.

Според телеметријата што можеше да се следи при директниот пренос преку интернет, се чинеше дека Хакуто-Р е добро позициониран, но сепак не можеше да го изврши слетувањето. Планираното време за ‘тачдаун’ дојде и пројде, без сигнал за успешно приземјување, што доведе тимот на мисијата да го смета овој обид за веројатен неуспех. Сепак, Хакуто-Р продолжи да пренесува податоци за време на обидот за слетување, што според Хакамада, претставува една од многуте придобивки на мисијата М1.

Иако мисијата М1 беше замислена како демонстрација на хардверот и знаењето на компанијата за успешно слетување на Месечината, сепак лендерот во себе имаше и повеќе практични товари: eкспериментална solid-state батерија, од јапонската компанија Нитера (Niterra), која требаше да се тестира во екстремни услови и  два робота – Сора-Кју (Sora-Q), трансформабилен робот развиен од Јапонската вселенска агенција и компанијата Томи (Tomy), и Рашид, ровер тежок 10 килограми на вселенската агенција на Обединетите Арапски Емирати. Рашид имаше за цел да направи различни набљудувања во текот на еден лунарен ден (околу 14 земјини денови). Малиот робот беше опремен со повеќе различни камери, како и инструмент за истражување на електричните набои на површината на Месечината. Работата на Рашид требаше да биде подобрена со употреба на програма за машинско учење развиена од канадската компанија Mission Control Space Services. Овој дел од мисијата М1 беше исто така историски – досега ниту еден систем со вештачка интелигенција за „длабоко учење“ не не патувал надвор од орбитата на Земјата.

Планираните  главини чекори во напорите на јапонската компанија за реализирање на 'редовен превоз' на релација Земја-Месечина-Земја 

Овој прв неуспешен обид на Испејс сепак се очекува да даде поттик за приватните компании кои земаат учество во напорите за освојување на Месечината. Испејс има за цел да започне втора и трета мисија за слетување на Месечината во 2024 и 2025 година, соодветно. Компанијата ќе продолжи да ги усовршува нејзините транспортни услуги на рутата Земја-Месечина, целејќи кон рутинскa изведба на две мисии годишно кои ќе слетуваат на површината на Месечината во блиска иднина. Мисијата од 2025 година, М3 е дел програмата на НАСА за користење на комерцијални усуги за пренос на платен товар до површината на Месечината. Имено, во рамките на идните мисии Артемис, НАСА смета и на користењето на услуги на приватни компании за превоз на корисен товар за потребата на нивните експедиции за истражување на Месечината.

Клучни зборови:
Слика од екранот со телеметриските податоци

Слика од екранот со телеметриските податоци, којашто ги прикажува последните моменти од обидот за приземјување на Hakuto-R на 25 април 2023 година.

Хакуто-Р во внатрешноста на ракетата Фалкон на СпејсЕкс

Хакуто-Р во внатрешноста на ракетата Фалкон на СпејсЕкс

Прекрасните слики на 'изгреземја' направени од камерите на Хакуто-Р додека се наоѓаше во месечевата орбита

Прекрасна слика на 'изгреземја' направена од камерите на Хакуто-Р додека се наоѓаше во месечевата орбита

Планираните  главини чекори во напорите на јапонската компанија за реализирање на 'редовен превоз' на релација Земја-Месечина-Земја

Планираните  главини чекори во напорите на јапонската компанија за реализирање на 'редовен превоз' на релација Земја-Месечина-Земја