Додека американците се натегаат со проблеми со хардверот и временската прогноза при лансирањето на мисијата Артемида, во меѓувреме една јапонска компанија најави дека наскоро ќе ја лансира првата од серијата вселенски мисии кон Месечината.
Според последните информации од НАСА за мисијата Артемида 1, која ќе го доведе вселенското летало Орион (без екипаж) во орбита околу нашиот сателит и назад, ќе го има следниот обид за лансирање на 14 ноември, со прозорец за лансирање од 69 минути што се отвора во 6 часот и 7 минути наутро по македонско време. Отприлика во истиот период од месецот, помеѓу 9 и 15 ноември (според плановите), треба да започне уште една мисија, наречена „М1“, осмислена и дизајнирана од приватна јапонска компанија (Испејс). Испејс на Месечината е планирано да испрати лендер и два помали ровери опремени со повеќе различни инструменти. За ова лансирање ќе биде задолжена ракетата Falcon 9 на американската приватна компанија SpaceX.
Целосен модел на лунарниот лендер на Испејс и лунарниот ровер HAKUTO-R. Фотограф: Шихо Фукада
М1 е дел од програмата Испејс наречена HAKUTO-R, која сака да понуди на секој што ќе изрази желба „транспорт“ до Месечината (директен или во орбита). Следната мисија, М2 е планирана за 2024 година, а компанијата веќе работи и на деталите за мисијата М3.
На М1 ќе му требаат околу три месеци пред да пристигне во близина на Месечината: тој всушност ќе биде поставен на траекторија што ќе овозможи да ја искористи гравитацијата на Месечината за да му помогне да ја достигне целта. Во Испејс, кој во 2010 година имаше околу дваесет вработени, денес работат околу 200 висококвалификувани луѓе во Јапонија, САД и Европа.
Доколку јапонците слетаат успешно на Месечината, тоа ќе биде првото летало од приватна компанија што го извела овој подвиг. Во меѓувреме уште две приватни компании од САД се на пат до да остварат приватни мисии чијашто крајна дестинација е површината на Месечината, а нивниот календар за реализација е поместен за 2023 година.
Уметнички приказ на лендерот од мисијата М1 на површината на Месечината
Инаку, на површината на Месечината наскоро треба да се спушти и Рашид, лунарен ровер тежок околу 10 килограми изработен од Арапските Емирати. Да потсетиме, ОАЕ веќе испрати свој “претставник” на Марс (види Арапите пристигаат на Марс), така што оваа нова мисија со сигурност го потврдува нивниот интерес за вселенските планетарни истражувања.