Првата Арапска вселенска мисија, сондата Надеж на ОАЕ денес пристигна до орбитата на Марс. Со ова Емиратите стануваат петта нација којашто испратила свое летало до Црвената Планета. Но, дали мисијата ќе биде и успешна останува да почекаме, додека леталото поминува низ низа клучни маневри за негово поставување во трајна орбита на планетата.
Сондата Надеж беше лансирана минатата година во јули, кога вкупно три летала беа упатени кон Марс, во временската рамка кога тој и Земјата се наоѓаат најблиску во космичкиот простор. Имено, во јули свои мисии кон Марс упатија и САД и Кина, чиишто летала исто така се очекува да пристигнат до Црвената планета оваа недела.
Сондата Надеж, или Ал-Амал на арапски, треба да остане во орбитата на Марс во текот на една марсова година, односно 687 дена, за разлика од кинеската и американската сонда кои треба да слетаат на површината.
Во чест на првата вселенска мисија повеќе познати објекти и обележја низ ОАЕ беа ‘обоени’ во црвено, меѓу нив и највисоката зграда во светот – кулата Бурж Калифа, којашто ќе биде во центарот на прославата по поставувањето на Надеж во орбита.
Сондата која беше лансирана минатат година од Јапонија има 50/50 шанса успешно да влезе во орбита. Поставувањето претставува мошне компликуван маневар, при што леталото треба да ја намали бризината на движење од 121 000 километри на час на околу 18 000 километри на час. Серијата од последователни ротации и вклучувања на трастерите ќе ‘изгори’ половина од преостанатото гориво на сондата, а во целиот процес маргината за корекција на евентуална грешка е мошне мала, со оглед на тоа што на комуникациските сигнали со кои се управува со леталото им требаат 11 минути за да пристигнат до Марс.
Иако првичната мисија на сондата Надеж е да обезбеди една сеопфатна слика за динамиката на временските услови на планетата, таа претставува и исчекор кон една многу поамбициозна цел – изградба на човечка населба на Марс во рок од 100 години. За следење на условите во атмосферата на Марс, Надеж ќе користи три научни инструменти, а преносот на информации се очекува да започне во септември оваа година, при што податоците ќе бидат достапни за проучување на научниците од целиот свет.
По САД, Индија, поранешниот СССР и ЕУ преку Европската вселенска агенција, Обединетите арапски емирати ќе станат петтата земја на којашто и тргнало од рака да ја досегне Црвената планета. ОАЕ посакуваат овој проект да стане извор на инспирација за арапската младина, нешто што ќе може да ја обедини заедницата во нестабилен регион, честопати потресуван од конфликти и економски кризи, па оттаму и името на сондата.
Интересно е што вселенската агенција на ОАЕ беше формирана пред едвај 6 години, во 2016-та.