Рубрика: Роботика
Заврши единаесеттото издание на натпреварот по роботика RoboMac 2023
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 16.05.2023 - 17:45

Со финалниот натпревар во пет различни категории кој, како што пишавме, се одржа во Градското кино Милениум во саботата, заврши овогодинешното издание на RoboMac. На натпреварот учествуваа студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии ФЕИТ во Скопје, Машинскиот факултет во Скопје, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје, како и студенти од Електронскиот факултет во Ниш и Електротехничкиот факултет во Сараево, распределени во 21 тим.

Петобојот во којшто се натпреваруваа учесниците се состоеше од следните дисциплини:

 

ROBOTIC ARM

Целта на оваа категорија е учесниците да испрограмираат роботска рака така што таа ќе сортира објекти по боја и по форма. За решавање на оваа задача, потребно е да се разработи инверзна кинематика, што ќе овозможи роботската рака да ги достигне координатите на секој објект и да го премести на целната позиција. На целната позиција објектот потоа треба да се фотографира со камерата и да се изврши обработка на добиената слика, со што објектот ќе го сортира според боја и форма во соодветната кутија. Во текот на натпреварот, тимовите добија и дополнителна задача за бонус поени – објектот да се префрли во кутијата на противникот преку бариерата.

Категоријата беше под менторство на асс. м-р Благој Христов, а победници во категоријата се Илија Мижимакоски и Ангела Секуловска;

 

CHATBOT CHALLENGE

Во време во кое технологијата е сеприсутна во човековото живеење, сѐ повеќе се зголемува потребата за интеракција со неа. За нас луѓето најприродниот начин за комуникација со роботите и вештачката интелигенција е говорот. Во оваа категорија учесниците имаа задача да реализираат систем за гласовна команда на мобилен робот ЧетБот на македонски. Задачата е тешка од повеќе аспекти – тие требаа да направат модел за препознaвање на македонски јазик од нула, и да го научат да функционира за различни гласови, во различни акустички средини и во услови на шум и бучава.

Категоријата беше под менторство на проф. д-р Бранислав Геразов, а победници во категоријата се Даниела Стојческа и Лука Златановски;

 

SELF RACING CARS

Self-racing cars е категорија во која тимовите се натпреваруваат преку нивните колички кои самостојно се движат. Секоја од количките е всушност четбот робот, со вграден Енвидиа микрокомпјутер, графичка картичка и камера, преку која роботот го гледа патот. Натпреварувачите цела недела тренираа невронски мрежи за роботите да научат да возат по патеката, многу слично како и вистинските автономни возила.

Категоријата беше под менторство на асс. м-р Стефан Златинов, а победници во оваа категоријата се Давид Строимановски, Ване Мирчев и Андреј Петров;

 

COLOR CODED CHALLENGE

Во оваа дисциплина потребно е од основни градбени елементи да се состави модел на автономно возило кое ќе може да следи исцртана патека и да регистрира колор маркери во близина на патеката.

Категоријата беше под менторство на м-р Марио Макрадули, а победници во категоријата се Давид Атанасоски и Душан Мерџановски;

 

AI AGENTS

Во категоријата AI Football секој тим треба да управува група од тројца играчи кои ќе играат фудбал еден против друг. Секој од тимовите во текот на оваа недела развија свој алгоритам на вештачка интелигенција кој автономно ќе управува со фудбалските играчи. Тимовите имаат на располагање по еден напаѓач, дефанзивец и плејмејкер, и требаше да изработат алгоритам кој ќе одлучува за доделување на улогите на секој играч. Секој од фудбалерите прикажани на екранот се движат и шутираат своеволно исто како што електричните возила на Тесла можат да се движат автономно по автопати.

Категоријата беше под менторство на асс. м-р Филип Дончевски, а победници во категоријата се Петар Атанасовски, Андреј Мицков и Тамара Костова;

 

Работевте неуморно цела недела, и по 12 часа на ден со цел да одговорите на поставениот предизвик, но верувам дека сите ја препознавате уникатната можност која РобоМак ја овозможува. РобоМак вреди многу повеќе од 2 ЕКТС, нуди непроценливо практично исксутво работејќи со најсовремена опрема во дизајнирањето на иднината. Успехот на овој натпревар севкупно секако се должи и на огромната поддршка и несебичниот влог на професорите и асистентите на ФЕИТ, како и менторите кои дизајнираа уникатни предизвици коишто доликуваат на ФЕИТ, каде студентите подолго од 60 години решаваат проблеми за кои повеќето не знаат дека постојат”, – рече Стефан Момир, претседател на организацискиот одбор на РобоМак 2023.

На финалето гостуваа Кирил Зарински и Филип Ѓоргиев од YouTube каналот Скратен Корнер како коментатори на категоријата AI Agents, што создаде уникатна еуфорична атмосфера која ја исполни салата со адреналин.

Клучни зборови: