Утре, 13-ти маj во киното Милениум сместено во центарот на Скопје, со почеток во 17 часот, ќе се одржи големото финале на RoboMac 2023.
За потсетување, Робомак е годишна меѓународна студентска работилница и натпревар во роботика и вештачка интелигенција. Натпреварот се одржува по единаесетти пат на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје, а е реализиран во организација на македонската студентска секција на организацијата IEEE (Institute of Electrical and Electronics Engineers), Факултетското студентско собрание на ФЕИТ и ФЕИТ ФабЛаб.
Учесниците на натпреварот имаат можност да работат во тимови и да ги усовршат и употребат своите теоретски знаења и практични вештини за да победат во својата категорија, притоа дружејќи се и соработувајќи со студенти од земјата и странство.
Студентите со нивните роботи традиционално се натпреваруваат во 5 категории, кои овојпат соодветно се надградени. Па така освен категоријата Self Racing Cars, која останува иста, досегашните категории Sumo, Line Follower, Maze, Machine learning и Sphero доживеаја делумна елиминација и ажурирање па сега студентите се натпреваруваат уште во категориите The ChatBot Challenge, AI Agents, Robotic Arm Challenge и Color Coded Challenge. Победниците ќе добијат медали и сертификати што ќе им бидат врачени од деканот на ФЕИТ и претседателот на IEEE огранокот во Македонија.
Освен овој компетитивен дел, Робомак е секогаш посветен и на едукацијата на студентите кои овие неколку дена имаат можност да присуствуваат на предавања од областа на роботиката и ВИ. На тој начин сите учесници во натпреварот добиваат уникатна можност да ги усовршуваат, надградуваат и применат своите знаења и вештини на еден забавен начин.
Целта на настанот е популаризација на роботиката и вештачката интелигенција помеѓу студентите и младите во Македонија.
Имајќи на ум дека натпреварувачкиот дел на Робомак е секогаш од отворен карактер, ако имате време секако поминете и бидете дел од финалето во киното Милениум.