Тенка лента што се движи како гасеница – токму така изгледа новиот робот што минува под врати и се спровира низ пукнатини, а во иднина би можел да се користи за да помогне во активностите за пребарување и спасување.
На прв поглед ви изгледа дека гледате во рамна метална лента, но таа лента е всушност робот долг 9 сантиметри, способен да се движи напред-назад со превиткување и пружање, исто како гасеница. Изумот го проектираше тим од Државниот универзитет на Северна Каролина, САД, детално е прикажан во студијата објавена деновиве во Science Advances.
„Дизајнирањето меки роботи кои можат да се движат во различни насоки е голем предизвик во нашата област“, објаснува Јонг Жу, еден од авторите.
Речиси совршена мимикрија на природата
Движењето е овозможено така што роботот реагира на топлината предизвикана од протокот на електрична струја. Роботот е составен од два слоја полимер кои реагираат различно на топлина – долниот слој се собира, додека горниот се шири. Во овој втор слој се вградени сребрени наножици, прошарани со спроводни точки каде што истражувачите можат да вклучат електрична струја и, следствено, да предизвикаат температурни промени. Притоа може да се контролира кој дел од роботот да се загрее, а исто така и колку топлина да се испрати со прилагодување на електричниот проток.
„Теоретски, колку повеќе струја применуваме, толку побрзо гасеницата се движи напред или назад“, објаснува координаторот на студијата Шуанг Ву. „Меѓутоа, видовме дека постои оптимален циклус кој му овозможува на полимерот да се олади, овоможувајќи „мускулите“ да се релаксираат пред повторно да направат контракција“. При преголемо забрзување на циклусот, телото на роботот не може да се опушти пред повторно да се стегне и се парализира.
Во експериментот (прикажан на видеото во прилог на овој напис), истражувачите успеваат да го протнат мини-роботот под пукнатина висока само 3 mm и долга 3 cm. Следниот чекор, според истражувачите, би бил интегрирање на сензори или други технологии во роботот, што во иднина ќе овозможи негова примена во различни сфери, како на пример, во уредите за пребарување и за спасување.
За други достигнувања во областа на меката роботика сме пишувале во Робо-медуза и во Робо-риба со батериска крв во вените, како и во Доаѓаат мини-роботи што можат да се искачуваат по ѕидови