Два одделни тима од истражувачи објавија дека конструирале мини-роботи што ги користат електростатските сили за искачување по вертикални површини. Откако ќе се усовршат, роботчињата би можеле да се користат за повеќе намени – проверка на тешкопристапни делови од мотори, пребарување на урнатини и слично.
Првиот тим предводен од Себастиен де Ривас од Универзитетот Харвард во САД, го презентираше нивниот микроробот во Science Robotics на 19 декември. Малечкиот робот со големо име “Харвардски подвижен робот со можност за електроатхезија" (Harvard Ambulatory MicroRobot with Electroadhesion), или скратено HAMR-E е долг 4,5 cm и тежи едвај 1,48 грама. Роботот се движи со генерирање на електростатска сила при влезен напон од 250V, кои овозможуваат наизменично прилепување на неговите три “ноџиња” во вид на лепенки.
При тестовите за употребливост на концептот, инженерскиот тим покажал дека мини-роботот може да се искачува по вертикални површини со брзина од 1,2 милиметри во секунда. HAMR-E успеал да направи сè на сè 215 чекори.
Вториот тим предводен од Гуојинг Гу од Универзитетот Џиао Тонг во Шангај, Кина, го објави нивното достигнување во истиот ден во Science Robotics, кадешто нивниот робот е опишан како мек робот способен да се искачува по ѕидови од дрво, хартија и од стакло, а се движи преку комбинација од диелектрични-еластомерни вештачки мускули и електро-лепливи нозе. Инженерскиот тим демонстрирал дека роботот може да се искачува, да ползи и да се врти, па дури и да ја приспособи својата висина за да се протне низ тесни процепи. Кинеското роботче може со себе да понесе тежина од 10 грама, што значи дека би можело да се опреми и со микрокамера.
Двата робота, и тој од Харвард и тој од Шангај, се напојуваат преку кабел, па истражувачите бараат начин за алтернативно напојување, што ќе овозможи поголема автономност на машините.