Рубрика: Роботика
Робо-медуза
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 03.07.2019 - 10:45

На научниците кои работат во областа на меката работика “им тргна” со морската инспирација при правењето на мултифункционални роботи. По робо-рибата, за којашто пишувавме тука, сега ви ја претставуваме и робо-медузата.

Инспирација за начинот на движење на овој мек робот била ларвестата медуза Scyphomedusae Ephyra. Притоа, роботот мошне убедливо ги имитира движењата на овој жив организам.

Иако е голем едвам неколку милиметри, роботот може да манипулира со водата што тече околу телото за да изврши серија задачи, како што е, на пример, селективното транспортирање зрнца со различни големини коешто го прави преку имитација на природното однесување на медузата при ловење храна. Потоа роботот може да се закопува во фините зрнца песок, камуфлирајќи се за да им избега на "предаторите" или различни објекти, со мешање на различни течности и генерирање на хемиска трага зад него.

Роботот е дело на Метин Сити и неговите колеги во Институтот за интелигентни системи Макс Планк во Штутгарт, Германија, а целосен извештај за неговиот потенцијал беше објавен во Nature Communications.

Роботот-мекотел е создаден со поврзување на магнетното композитно еластомерско јадро со повеќе свитливи перки, чијшто дијаметар се движи од 3 до 8 милиметри. При примена на осцилирачко магнетно поле, перките се отвораат и се затвораат, имитирајќи го карактеристичниот начин на којшто медузата плива.

Авторите укажуваат дека нивниот дизајн може да се користи како системски модел преку кој би се проучувало влијанието на промените во животната средина врз медузите од видот ephyra.

 

Клучни зборови: