Бројот на жители на планетата Земја во Ноември 2022 година надмина 8 милијарди. Бројка што е неверојатна експоненцијална кулминација од последниве 150 години или од кога е започната индустриската револуција која носи прогрес во човештвото, па соодветно на тоа и бројот на луѓе што живеат на планетава почнува непропорционално да се зголемува.
Но, интересно е да се посочи дека некогаш во минатото, пред некои 50 000 до 75 000 години, бројот на тогашни жители, наши претци, бил сведен на популација од 1000 до 10 000 луѓе. На тоа укажуваат голем број на генетски студии кои открија дека во тој период популацијата на човечките предци значително се проширила од само неколку илјади индивидуи. Неколку научници составија теорија којашто оваа ситуација ја поврзува со ерупцијата на супервулканот Тоба во денешна Индонезија. Ерупцијата се случила пред точно 74 000 години, а денешното езеро Тоба на Суматра е всушност кратер, нем сведок на овие случувања.
Сателитска снимка од Езерото Тоба на Суматра – Индонезија, коешто всушност претставува кратер, остаток од дамнешна ерупција на супервулкан.
Сепак, мора да спомнеме и дека постојат физички докази што баш и не одат во прилог на оваа теорија, како на пример, откритието на камени алатки во јужна Индија коишто при археолошки ископувања беа пронајдени над и под дебел слој пепел којшто потекнува од ерупцијата на Тоба. Притоа наодите биле многу слични низ овие слоеви, што укажува на тоа дека облаците од прашина настанати при ерупцијата не го избришале ова локално население.
Некои други докази укажуваат, пак, на генетски тесни грла кај други животни во периодот на ерупцијата на Тоба. Популациите на источноафриканското шимпанзо, борнеанскиот орангутан, централниот индиски макак, гепардот и тигарот, сите се опоравиле од многу мали популации пред околу 55 000 – 75 000 години, што оди во прилог на оваа теорија.
За напредокот во бројката на популацијата на луѓе на планетава може да прочитате и во Светската популација би можела да го достигне врвот на бројност пониско и порано