Новото моделирање укажува дека глобалното население би можело да го достигне врвот до бројка од 8,6 милијарди луѓе на планетата кон средината на овој век. Тоа е сосема спротивно од проекциите на Обединетите нации, кои предвидуваат слична бројка на население за крајот на оваа деценија и врв од 10,4 милијарди до 2100 година. На планетата во моментов има повеќе од осум милијарди луѓе, откако кон крајот на 2022 година го поминавме маркерот со назнака 8x109.
Новото предвидување беше објавено од Фондацијата за глобални предизвици во Стокхолм, а проценките се засноваат на претпоставениот, брз развој во клучните глобални региони кои спроведуваат успешни економски политики, вклучително и успешни инвестиции во здравството и образованието.
Моделот, наречен Earth4All, разгледува две економски сценарија: едно според сегашните сценарија за економски раст каде најсиромашните нации во светот излегуваат од екстремна сиромаштија, што резултира со врв на населението од 8,8 милијарди до 2050 година, опаѓајќи потоа до 7,3 милијарди до крајот на векот.
Вториот случај, кој претпоставува огромни инвестиции во намалувањето на сиромаштијата, безбедноста на храната и енергијата и родовата еднаквост, забележува врв од 8,5 милијарди до 2040 година, по што бројот на население би се намалил на шест милијарди до крајот на векот.
Додека моделирањето претпоставува успешна имплементација на политиката, економскиот развој и подобрувањата во квалитетот на животот на национално ниво најчесто придонесуваат до повисоки стапки во образованието и пристапот до здравствена заштита кај жените и девојчињата. Ова ја намалува стапката на плодност.
Авторите забележуваат дека популацијата се намалува како последица на економските исходи, во нивното истражување тие исто така даваат и „големо предупредување“ во кое се нагласува важноста на „насочените инвестиции“. „Владите на земјите со ниски приходи мора целосно да се посветат на остварување на економскиот развој заснован на големи инвестиции во образованието, наместо на економскиот раст поттикнат исклучиво со екстракција на природните ресурси“, велат тие.
Моделирањето Earth4All покажува дека две третини од границите на планетарната одржливост, вклучувајќи го глобалното затоплување, губењето на биолошката разновидност, нарушувањето на озонската обвивка, загадувањето на воздухот и промените во користењето на земјиштето, се веќе прекршени. Границите на планетарната одржливост всушност ги претставуваат крајните услови во кои луѓето можат безбедно да егзистираат.
Но, според авторите, зголемувањето на населението не е примарниот двигател на овие ексцеси. Тие сметаат дека користењето на ресурсите од страна на најбогатите 10% во светот го претставува главниот притисок врз планетарните граници на одржливост. Меѓу нивните предлози за „Џиновски скок“ во економскиот развој што би придонел за намалување на популацијата се пресврти во намалувањето на сиромаштијата, нееднаквоста, родовата еднаквост, и подобрување во системите за снабдување со храна и енергија.
Овие широки промени вклучуваат иницијативи за родова еднаквост во здравството, образованието и вработувањето и низа мерки за намалување на сиромаштијата, како што е зелениот фонд за работни места од трилиони долари за земјите со ниски приходи и отпишување на долговите. Исто така, потребни се инвестиции од трилиони долари во енергетските системи за електрификација и воведување на поефективни даноци на богатство.
Како што вели Јорген Рандерс, еден од моделаторите на Earth4All:„Главниот проблем на човештвото е луксузниот јаглерод и трошењето на биосферата, а не населението. Местата каде што населението се зголемува најбрзо имаат екстремно мали еколошки отпечатоци по лице, наспроти местата што го достигнаа врвот на нивната популација пред повеќе децении“.