Рубрика: Астрономија и астронаутика
НАСА ги избра астронаутите за следниот чекор во новото освојување на Месечината
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 04.04.2023 - 13:15

НАСА ги претстави четворицата астронаути кои ќе бидат првите луѓе што ќе летаат околу Месечината по повеќе од 50 години. Екипажот ќе биде дел од мисијата Артемида 2, клучен вселенски лет пред луѓето да се вратат на површината на Месечината.

Екипажот на Орион ќе го сочинуваат четворица американски астронаути –  Кристина Хамок Кох, Виктор Гловер и Џ. Рид Вајсман, и еден астронаут од Канадската вселенска агенција – Џереми Хансен. Патувањето на Орион ќе ги однесе астронаутите во длабока вселена на круг околу месечината при што летот ќе се одвива по речиси истата динамика како и мисијата Артемида 1.

Интересно е што оваа мисија ќе биде прва во историјата што ќе однесе една жена на пат во длабоката вселена, стотици илјади километри подалеку од Меѓународната вселенска станица којашто е поставена во ниска орбита околу Земјата. Имено, иако жени кандидати за астронаути тренираа и беа тестирани заедно со мажите уште од раните 1960-ти години, со години НАСА тврдеше дека женските апликанти не ги исполниле строгите барања за да бидат дел од некој од екипажите на мисиите Аполо.

Луѓето не презеле едно волку далечно патување и немаат стапнато на површината на Месечината од последниот лет во рамки на мисиите Аполо во 1972 година. Мисијата Артемида 2 се очекува да биде лансирана од Кејп Канаверал, Флорида, во ноември 2024 година.

Повеќе за мисијата Артемида може да прочитате во Половина век и една година од успехот на Аполо 11, Артемида 1 или второто, конечно освојување на Месечината, Одредени 13 региони за слетување на следните луѓе на Месечината, Артемида 1 поставена на лансирна рампа, и уште многу содржини достапни тука

Клучни зборови: