Рубрика: Геологија
Моќта на вулканот олицетворена во звук
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 22.02.2023 - 16:15

Податоците од сателитите што поминуваат и ја следеа моќната ерупција на Хунга Тонга-Хунга Хаапаи, сега се трансформирани во звук. Слушнете како звучи досега најголемата вулканска ерупција во овој 21. век...

Хунга Тонга-Хунга Хаапаи е потопен џин во Пацификот, во архипелагот Тонга. Се издига околу две илјади метри од морското дно и само дел од работ на неговата голема калдера се пробива над површината на океанот, формирајќи ги малите острови Хунга Тонга и Хунга Хаапаи... Или барем она што остана од нив по ерупцијата што започна кон крајот на 2021 година и кулминираше со серија мошне жестоки експлозии на 15 јануари 2022 година. Настанот од овој ден беше карактеризиран како најголемата вулканска експлозија забележана во 21-виот век, а претставува и најголема експлозија снимена во атмосферата со модерна инструментација.

Тој настан е забележан во сателитските податоци, меѓу кои и оние од сателитот Еол (Aeolus) на ЕСА задолжен за мерење на ветровите што дуваат на планетата, и тој ден го истакна влијанието на вулканските облаци. Податоците беа „претворени“ во звук од звучниот уметник Џејми Перера. Резултатот можете да го слушнете подолу.

Основата на звучниот запис е вистинска аудиоснимка од експлозиите на вулканот, којашто потоа е трансформирана со доделување на вредностите откриени од сателитот во доменот на ниските или високите ноти. Т.н. „пикови“ во звукот одговараат на највисоките тонови кои доаѓаат од облакот. Она што го слушате, на пример, во точката 1:18 одговара со моментот во кој, според сателитските податоци, облакот ја достигнал својата највисока точка – над 20 километри надморска височина.

Звукот што носи немир во душата има за цел да евоцира вулкански пејзажи и, според креаторот, да го долови „искуството на заедниците во регионот, кои остануваат да живеат покрај заспаниот џин, по оваа неверојатно моќна ерупција“.

Клучни зборови: