Ерупцијата што го потресе кралството Тонга, во Полинезија, на 15 јануари, продолжува да се проучува. Прелиминарната проценка го потврди тоа дека се работи за најголемата вулканска експлозија забележана во 21-виот век.
Вулканот Хунга Тонга Хаапаи е дел од вулканскиот лак Тофуа што го бележи местото каде пацифичката тектонска плоча се спушта под индо-австралиската плоча. При ерупциите во 2015 година во овој дел, се формираше мал ненаселен сив остров околу калдерата, односно добро изразената вулканска депресија. На 14 јануари неговиот центар пропадна, а веќе следниот ден, околу 17 часот по локално време, преплашеното население од околните острови ги слушнало првите заглушувачки експлозии.
Сеизмометрите, микробарометрите, хидрофоните, сателитите или пловците за следење на цунами брановите на отворено море овозможија да се направи целосна слика за катаклизмата, којашто рој научници почнуваат да ја анализираат. Првите научни студии го опишаа ширењето на брановите во атмосферата, земјата и во морето, како и интеракцијата на едни со други.
Благодарение на сателитите, но и на мноштво земски уреди, научниците успеаја да го следат текот на ерупцијата на вулканот “одблиску”. На секои десетина минути беше бележено исфрлањето на материјал, добивајќи слика за еволуцијата на столбот од вулкански прав и пепел. Во неговиот максимум столбот имаше пречник од 500 km.
Последиците од ерупцијата на вулканот во Тонга се чувствуваа дури во Алјаска, но и подалеку. Звучните бранови патувале 10 000 километри до Алјаска. Инфразвукот генериран од главната експлозија и пренесуван низ воздухот од атмисферата, за 6 дена 4 пати ја обиколил Земјата. Цунамито, кое достигнало височина до 15 метри во Полинезискиот архипелаг, се раширило низ Тихиот Океан а брановите биле почувствувани и во Перу и во Јапонија. Според извештаите на НАСА ефектите од моќната ерупција биле почувствувани и во вселената. Имено, во јоносферата биле забележани ветрови со брзина на ураган, но и необични електрични струења.
Неколку дена по ерупцијата, во еден труд изработен од научниците на НАСА се заклучува дека ерупцијата ја надминала моќноста на неколку стотици атомски бомби (со јачина на онаа фрлена врз Хирошима). Па затоа воопшто не чуди што експлозијата го разнесе и речиси целиот остров. Облакот во форма на печурка се издигнал на 30 километри надморска височина, а се извишил и дури до 58 километри во неговиот централен дел – со што ова е највисокиот вулкански облак што некогаш бил забележан. Според сателитските снимки, неговата вкупна површина би голтнала половина од Балканскиот Полуостров.
Сателитот GOES-17 го сними облакот од чад генериран од подводната ерупција на вулканот Хунга Тонга-Хунга Ха'апаи на 15 јануари 2022 година. Видливо е ширењето на ударните бранови во облик на полумесечина како и моштво молњи. Фото: NASA Earth Observatory image
Според проценките на научниците, експлозијата на Хунга Тонга исфрли маса на пепел со волумен од редот на 10 km3.
Два сателитa, американскиот GOES-17 и јапонскиот Химавари-8, овозможија да се рекреираат тридимензионални слики од ерупцијата на Хунга Тонга Хаапаи. Првичната експлозија достигнала 58 километри височина за околу триесетина минути.
За среќа, островот Хунга Тонга Хаапаи бил ненаселен, 90% од островот е уништен при експлозијата. Но, ерупцијата беше таква што, дури и на околните архипелази, оставила тешки последици – најмалку три лица починале од труење со пепел, посевите и добитокот биле прекриени со пепел, куќи биле однесени од брановите, залихите со вода контаминирани, итн...
Благодарение на сателитите, но и на мноштво земски уреди, научниците успеаја да го следат текот на ерупцијата на вулканот “одблиску”. На секои десетина минути беше бележено исфрлањето на материјал, добивајќи слика за еволуцијата на столбот од вулкански прав и пепел. Во неговиот максимум столбот имаше пречник од 500 km.
Сателитот GOES-17 го сними облакот од чад генериран од подводната ерупција на вулканот Хунга Тонга-Хунга Ха'апаи на 15 јануари 2022 година. Видливо е ширењето на ударните бранови во облик на полумесечина како и моштво молњи. Фото: NASA Earth Observatory image, Joshua Stevens using GOES imagery courtesy of NOAA and NESDIS