Рубрика: Астрономија и астронаутика
Енигмата на магнетарот што ја успори неговата ротација
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 31.01.2023 - 14:30

Магнетарот со  скромно име SGR 1935+2154 привлече големо внимание кога во октомври 2020 година одеднаш ја успори брзината со која ротираше. Неколку дена подоцна беа детектирани три брзи радио изблици (FBR), додека во текот на еден месец потоа и пулсни радиобранови што потекнуваа од истата област. Една ново истражување понуди одговор што би можело да се крие зад ваквото однесување на магнетарот.

Магнетарите всушност претставуваат неутронска ѕвезда со екстремно моќно магнетно поле, под чијашто сила се емитува изобилно количество високоенергетско електромагнетно зрачење, делумно во вид на рендгенски и на гама зраци. Се работи за компактни остатоци од мртва ѕвезда која колапсирала под дејство на интензивната гравитација. Магнетарите можат да бидат густи како јадрото на атомот, а широки едвај неколку километри. Вообичаено ротираат еднаш на неколку секунди и ги поседуваат најинтензивните магнетни полиња во универзумот.

Ова не е прв случај конкретниот магнетар SGR 1935+2154 да биде во фокусот на вниманието на научната заедница. Имено, непосредно по неговото блеснување во 2020 година истражувачите успеаја да ги поврзат брзите радио изблици со SGR 1935+2154, со што овие FRB станаа први за кои се знаеше точно од каде потекнуваат. А што е уште повозбудливо, ова беа и првите FRB чијшто извор е детектиран во рамките на нашата галаксија Млечниот Пат. За ова откритие пишувавме во Потеклото на брзите радиосигнали од космосот

 

Во мај 2020 година четири европски радиотелескопи детектираа јасни радиоизблици што потекнуваа од магнетарот SGR 1935+2154

Иако изблиците на радиосигнали се случуваат прилично редовно, воглавно по оваа појава магнетарите ја забрзуваат, а не ја забавуваат нивната ротација. Пред овој случај кај само уште еден магнетар било потврдено забавување на ротацијата. Имено, по блесоците периодот на пулсирање на ѕвездата вообичаено станува пократок, што е сигнал дека вртењето на ѕвездата околу нејзината оска забрзало. Научниците ова го објаснуваат така што со текот на времето, надворешните, магнетизирани слоеви на ѕвездата забавуваат, но не и внатрешното немагнетизирано јадро. Ова доведува до акумулација на стрес на границата помеѓу овие два региони, а радиоизбликот сигнализира ненадеен трансфер на ротационата енергија од јадрото кон надворешниот слој што ротира побавно.

Уметничка визија за изгледот на еден магнетар

Но, како доаѓа до успорување на ротацијата на магнетарот? Тимот предлага хипотеза дека на површината од оваа мртва ѕвезда веројатно се случил процес еквивалентен на вулканска експлозија што придонело за забавување на вртењето. Имено, успорувањето се случило по ерупцијата на површинската плазма во близна на магнетниот пол на SGR 1935+2154. Притоа мошне веројатно дошло и до исфрлување на ветер од честички во вселената, што би можело да придонесе за промена во магнетното поле на ѕвездата и за испуштање на радио емисии.

Резултатите од истражувањето се објавени деновиве во Nature Astronomy.

Клучни зборови: