Радиоастрономите кои го набљудуваат небото во потрага по невообичаени настани открија брз изблик на радиосигнали (fast radio burst, FRB) во соѕвездието Лисица (Vulpecula), оддалечено 30 000 светлосни години од Земјата, во рамките на нашата галаксија Млечниот Пат. Детектираните FRB биле во радиофреквенцискиот појас од 1,281 до 1,468 GHz.
Избликот со ознака FRB 200428 се случил на 28 април оваа година и беше забележан од два независни астрономски тима – првиот се служел со инструментите на канадскиот радиотелескоп CHIME, додека вториот тим ја користел мрежата од детектори STARE2 сместена во југозападниот дел од САД.
Како што и во повеќе други наврати сме објасниле, FRB сигналите претставуваат огромни изблици на радиоенергија кои во само неколку милисекунди можат да емитуваат радиобранова енергија во иста количина колку и целокупното месечно зрачење од Сонцето.
Сигналот FRB 200428 според галактички стандарди не претставува ништо особено – тој е за фактор 30 послаб од најслабиот досега забележен екстрагалактички FRB сигнал, и 1000 пати помалку моќен од просекот. Но сепак, се работи за најсилен сигнал од овој тип чијшто извор бил во нашата галаксија, а покрај тоа се наоѓа доволно близу за астрономите да можат да го поврзат со изворот на гама-зраци, ѕвездата позната како SGR 1935+2154. Значи, ова е првиот FRB сигнал којшто можеби потекнува од веќе познат објект.
SGR 1935+2154 е всушност магнетар – вид неутронска ѕвезда чиешто магнетно поле е многу моќно. Овој вид ѕвезди се веќе познат извор на кратки интензивни (ѕвездени) факели кои емитуваат брзи изблици од гама-зраци и икс-зраци. Всушност, избликот FRB 200428 бил проследен од еден таков изблик на икс-зраци.
Магнетарите веќе подолго време се на самиот врв од листата на можни извори на FRB. Но, како што се посочува од тимот, друга екипа од кинески астрономи кои од Кина го набљудувале истиот магнетар SGR 1935+2154 во периодот од 16 до 29 април оваа година, освен изблици на гама-зраци од овој магнетар, не забележале никакви FRB кои би биле придружени на нив, што е мошне мистериозно. За жал, овој астрономски тим воопшто не бил во можност да го набљудува магнетарот во периодот кога се случил сигналот FRB 200428 (Кина е од другата страна од земјината топка).
Мистеријата ја продлабочува и тоа што некои изблици на гама-зраци, кои инаку не биле придружени со FRB, имале многу поголем сјај од FRB 200428. Засега, една од претпоставките е дека и при овие емисии имало FRB сигнали, но тие биле емитувани во мошне тесен сноп, кој не бил насочен кон нас. Друга претпоставка е дека можеби FRB сигналите се издаваат само при некои посебни видови на гама изблици. Но, она што се знае е дека нивниот извор секако се магнетарите.
Во меѓувреме астрономите се надеваат дека ќе успеат да забележат и други FRB сигнали во нашата галаксија, слични на сигналот FRB 200428.