Следната 2024 година треба да е значајна за автомобилските гуми. Имено, прочуениот Мишлен, кој веќе подолго време развива автомобилски гуми што не се пумпаат со компримиран воздух (airless tires), најави дека ќе ги лансира на пазарот долгонајавуваните гуми. Се надеваме дека ќе стојат на ветеното и дека конечно возачот ќе биде ослободен од една незгодна и силна ноќна мора, а тоа е дупнат пневматик, којшто е меѓу понезгодните дефекти на пат.
Повеќе фирми, а меѓу нив и Бриџстон и Гудјир, веќе подолго време развиваат вакви автомобилски гуми (и за ова веќе пишувавме уште во Емитер 3/2012 – "Револуционерен дизајн на автомобилски тркала"). Структурата на мишленовата гума е прикажана на слика 1. Очигледен е принципот на работа кој се состои во нужната еластичност на материјалот и носечката структура на склопот кој мора да ги прими надолжните (тангенцијални) и бочните сили од возењето.
Слика 1: Структура на автомобилско тркало без воздух.
На слика 2 е прикажан дизајнот на овие гуми од прочуената фирма за автомобилски гуми Бриџстон (Bridgestone). Очигледна е разликата во дизајнот и начинот на којшто се решени основните проблеми со носивоста на гумата.
Слика 2: Дизајнот на BRIDGESTONE е невообичаен и оригинален – лево ; Слика 3: 3D печатеното тркало на Мишлен – десно
Да биде уште поинтересно, Мишлен има развиено и технологија од пластични еластични материјали со кои, со помош на 3D печатач, може да се испечати комплет тркало за автомобил. Како тоа изгледа е прикажано на слика 3. Дали овој дизајн ќе го види светлото на денот како понуда на пазарот на автомобилски гуми, останува да видиме, но моја претпоставка е дека тоа тешко ќе се случи, со оглед на тоа што 3D производната технологија е извонредно скапа и во однос на самиот технолошки процес и во однос на потребното времетраење на принтање. Со други зборови, цената на чинење на ваквите автомобилски гуми би била исклучително висока. А колку што ми е мене познато, нема друга технологија за производство на вакви тркала кои би биле со ниска цена на чинење.
На видеото подолу (и на слика 4 во галеријата на слики) е прикажана првата гума што нема потреба од пумпање – Martin Elastic, произведена во 1940 година, наменета за воени возила и, секако, тестирана на нив.
И за крај како куриозитет: Зошто овие тркала сè уште ги нема на пазарот? Едноставно – затоа што не се решени некои од основните и тривијални проблеми како заглавување на земја и камења меѓу спиците и во еластичната плетка кои не можат сами од себе да се исчистат и ја упропастуваат (демолираат) целата носечка структура на тркалото кога тежината ќе наиде на компромитираните делници од тркалото.