Рубрика: Автомобилска техника
Кога автомобилските делови не се оригинални
Автор: Томе Скендеровски
Објавено на 03.01.2023 - 13:45

На фотографијата се гледа еден хаварисан автомобилски дел. Се работи за кардански зглоб за погон на предното тркало од некој СУВ или поробусно теренско возило. Да направиме една “обдукција“ или вештачење...

Прво што паѓа в очи е дека карданскиот зглоб не е оригинален. Тоа се гледа по местото на усукувањето од извонредно големиот торзионен момент од погонот. Имено, тоа усукување се случува на местото на надолжните жлебови што го пренесуваат моментот на прирабницата (фланшата во мајсторскиот жаргон) од тркалото. Во оригиналните делови целата должина на жлебот е во зафат со прирабницата од тркалото и не може никако да се случи усукувањето да биде на тоа место како е на фотографијата т.е. на самите жлебови.

Второ што паѓа во очи е дека лежиштето на прирабницата (фланшата) на тркалото е упропастено и не може да држи правец, т.е. правилно да го води тркалото. Тоа се гледа по триењето на телото на карданскиот зглоб кое се триело со куќиштето во кое е сместено тркалачкото лежиште. Истото ова се случува и ако наседот на тркалачкото лежиште и прирабницата (фланшата) е упропастен, т.е. излезен е наседот од толерантното поле. При ова, самото тркалачко лежиште може да е исправно, но тоа ништо суштински не менува, т.е. исти се последиците.

Ова укажува дека карданскиот зглоб не е оригинален и случајно се имаат погодено некои димензии со кои е овозможено негово НЕСТРУЧНО монтирање во возилото.

Трето нешто што ја потврдува претходната констатација е фактот дека материјалот на ракавецот на зглобот каде се наоѓаат надолжните жлебови не е соодветен на моментот кој треба да го пренесе и затоа дошло до усукување на ракавецот.

Сè на сè, се забележува дека возилото е нестручно одржувано и поправано. Тоа е опасно по живот и никако не е дозволено. Затоа е потребно автомеханичарите да го имаат положено стручниот автомеханичарски испит како гаранција дека поседуваат доволни знаења и вештини за правилно обавување на поправките и одржувањата на возилата за кои се надлежни. Со наголемување на стручноста на автомеханичарот, природно се наголемува и неговата совесност, оти е свесен дека прави пропусти во својата работа преку кои не смее да помине. Затоа стручноста и компетентноста на автомеханичарот (и за сите професии важи истото!) избива на прво место кога се бара квалитетна и стручна поправка и одржување на возилата.

ПОУКА: секогаш, ама баш секогаш, доверете го вашето возило на поправка на стручен и квалитетен сервисер и по можност во овластен сервис. Исто така, вградувајте во вашето возило ОРИГИНАЛНИ резервни делови и не правете компромиси на овој план. Повеќе за оваа тема (резервни делови) види тука .

Клучни зборови: