Рубрика: Екологија
Пет милијарди мобилни телефони ќе бидат отфрлени оваа година
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 25.10.2022 - 15:45

Кога би биле наредени еден врз друг, некористените мобилни телефони би достигнале височина од 50 000 километри, или 100 пати поголема висина од онаа на којашто се наоѓа Меѓународната вселенска станица, објави истражувачкиот конзорциум WEEE. Експертите процениле дека повеќе од пет милијарди мобилни телефони, од вкупно 16 милијарди колку што се проценува дека постојат во светот, ќе бидат отпишани или фрлени оваа година. Имајќи го ова предвид, експертите побараа рециклирање на материјалите што ги тие содржат, пренесува AFP.

Имено, иако во нивните составни елементи телефоните содржат злато, бакар, сребро, паладиум и други компоненти што можат да се рециклираат, речиси сите овие несакани уреди се оставени, фрлени или изгорени, што предизвикува значителна штета на животната средина и здравјето.

Мобилните телефони се меѓу електронските производи што најмногу нè загрижуваат“, вели Паскал Лерој, главен извршен директор на WEEE, непрофитна алијанса на организации за управување со електронски отпад. „Ако не ги рециклираме ретките материјали што ги содржат, ќе мораме да ги ископуваме во земји како Кина и Конго“, изјавил тој за АФП.

Мобилните телефони со поминат век се само врвот на ледениот брег од речиси 45 милиони тони глобален електронски отпад што не се рециклира. Добар дел од петте милијарди мобилни телефони кои годинава ќе бидат повлечени од оптек, нема да завршат директно во ѓубре, но наместо да завршат на рециклирање, ќе останат заборавени во фиоки, плакари, гаражи, во домовите и деловните објекти. Според истражувањето спроведено во шест европски земји во септември годинава, едно просечно европско семејство во моментов поседува околу пет килограми ваков електронски отпад.

Ретките и скапоцени елементи што нема да се извлечат од електронскиот отпад за да се реупотребат, ќе треба да се ископаат од друго место, по голема еколошка цена

Истражувањето покажало дека 46 отсто од домаќинствата чуваат мала електрична и електронска опрема затоа што можеби им е потребна, 15 отсто имаат намера да ја препродаваат, а 13 отсто ја чуваат поради некоја „сентиментална вредност“.

Луѓето изгледа не сфаќаат дека овие навидум безначајни објекти имаат голема вредност, а на глобално ниво претставуваат огромна сума“, вели Лерој. „Сепак, електронскиот отпад никогаш нема да се собира доброволно бидејќи трошоците се големи. Затоа законодавството е неопходност“.

Оваа година, Европскиот парламент усвои нов закон со кој од 2024 година сите нови паметни телефони, таблети и камери треба користат еден тип приклучок за полнач (за ова види повеќе тука). Со оваа регулатива се очекува да се заштедат најмалку 200 милиони евра, но истовремено да се намали и е-отпадот за неколку илјади тони годишно.

Благодарение на законодавството, Европа собира многу повеќе е-отпад отколку што е вообичаено во другите делови на светот. Во Европа се собира од 50 до 55 отсто од електронскиот отпад, а во земјите со помали приходи помалку од пет отсто. Но истовремено, илјадници тони електронски отпад собран во богатите земји се транспортираат за рециклирање во земјите во развој. Тука честопати има недостиг на средства за безбедно отстранување на таквиот отпад, па така опасните материи како жива или пластика, може да ја контаминираат почвата, да ја загадат водата или да влезат во синџирот на исхрана. Од WEEE се свесни за проблемот. Сега нивните напори за едукација во доменот на рециклирањето ќе бидат насочени од Европа кон други делови од светот.

 

Клучни зборови:
Повеќе од пет милијарди мобилни телефони ќе бидат отпишани или фрлени оваа година

Повеќе од пет милијарди мобилни телефони ќе бидат отпишани или фрлени оваа година

Ретките и скапоцени елементи што нема да се извлечат од електронскиот отпад за да се реупотребат, ќе треба да се ископаат од друго место, по голема еколошка цена

Ретките и скапоцени елементи што нема да се извлечат од електронскиот отпад за да се реупотребат, ќе треба да се ископаат од друго место, по голема еколошка цена