27-те земји на Европската унија се согласија да ја наметнат употребата на универзален USB Type-C приклучок кај жичените полначи за сите брендови до есента 2024 година. Ова значи дека и полначите за iPhone на Apple ќе мора да се видоизменат или ќе бидат забранети во ЕУ до крајот на 2024 година...
По речиси 13 години дискусија, Европскиот парламент во вторникот, 7 јуни, објави дека „на потрошувачите повеќе нема да им треба различен уред за полнење и кабел секој пат кога ќе купат нов уред, и ќе можат да користат еден полнач за сите нивни мали и преносливи електронски уреди со средна големина“. Разврската не оди во прилог на Apple кои се спротивставуваа на регулативата за унифицирање на приклучоците за полначи и на самите полначи.
До есента 2024 година, мобилните телефони, таблетите, е-читачите, слушалките, дигиталните фотоапарати, преносливите конзоли за видео игри и преносните звучници, доколку се полнат преку жичен кабел, ќе мора да бидат опремени со приклучок за USB од тип C, без оглед на нивниот производител.
Лаптопите ќе подлежат на истото регулаторно побарување за еден тип (универзален)полнач, но кај нив оваа регулатива ќе се примени „во рок од 40 месеци од влегувањето во сила на прописот “, односно до 2026 година (прописот ќе биде објавен во Службениот весник на ЕУ по летото, по формалното одобрување од Советот и Европскиот парламент).
Прописите предвидуваат и усогласување на брзината на полнење за уредите кои дозволуваат брзо полнење, за да се спречи тоа да биде ограничено кога се користи со уред од различна марка. Исто така, на купувачите ќе им биде овозможено да изберат дали уредот ќе го набават со или без полнач.
Според Европската комисија новата регулатива ќе им овозможи на европските потрошувачи, кои годишно трошат околу 2,4 милијарди евра само за купување полначи, да заштедат најмалку 250 милиони евра годишно. Покрај ова отпадот од некористени полначи, проценет на околу 11 000 тони годишно, би можел да се намали за речиси 1000 тони.
Проектот за унификација беше лансиран уште во 2009 година од страна на Комисијата, но досега наидуваше на голем отпор од индустријата, иако бројот на видови на постоечки полначи беше значително намален со текот на годините. Од околу триесет вида приклучоци и полначи што беа присутни во 2009 година, тие се сведоа сè на сè на три типа – Micro USB конектор, кој веќе подолго време е присутен кај повеќето мобилни телефони; поновиот тип на конектор, USB-C; и Lightning полначот што го користи Apple.
Калифорниската групација, чијашто продажба на мобилни чини 20% од европскиот пазар, и која вели дека нејзината технологија за полнење Lightning опремува повеќе од милијарда уреди ширум светот, жестоко се противеше на воведувањето на овој европски пропис, верувајќи дека тој ќе ја „задуши иновативноста“.
Здруженијата на потрошувачи, иако го поздравија проектот на ЕУ, од своја страна изразија жалење што тој не ги опфаќа и системите за безжично полнење, чијашто имплементација е во полн ек.