Рубрика: Астрономија и астронаутика
Сондата DART подготвена за судар со астероид
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 21.09.2022 - 17:15

На 27 септември 2022 година, во 1 часот и 14 минути по македонско време, сондата DART (Double Asteroid Redirection Test) ќе удри со брзина од 24000 km/h во месечината на астероидот Дидим, Диморф. Целиот спектакл што ќе се одигра на оддалеченост од нешто повеќе од 10 милиони километри од Земјата ќе биде будно следен од сателити на НАСА и ЕСА

Засега сè се одвива според планираното – сондата е на правилната траекторија за удар. Изминативе неколку дена, DART веќе направи повеќе слики од неговата цел, двојниот астероидски систем.  Во наредните недели, за да се минимизира маргината на грешка при судирот, ќе има можност да се изведат три маневри за корекција на траекторијата. Притоа последната од овие проверки и маневри е закажана за 25 септември, околу 24 часа пред да се случи ударот. Во тој момент позицијата на целта ќе биде позната со маргина на грешка од само 2 километри.

Астероидот Дидим и неговата орбитирачка месечина Диморф. Сликата е резултат на серија од 243 снимки направени од извидничката и астероидна камера за оптичка навигација Дидим (DRACO) на сондата DART. (извор: NASA/ JPL/ DART)

Сондата DART беше лансирана во вселената на 24 ноември 2021 година со ракетата Falcon 9. Со нејзина помош научниците кои ја следат мисијата ќе имаат можност да ги проучат ефектите од ударот и тие сознанија да се употребат за некој вид идна активна планетарна одбрана на Земјата од астероиди што се во линија на судир со нашиот дом. Дали DART ќе успее да го помести Диморф од неговата траекторија? Се надеваме дека тоа ќе се случи, иако се очекува ова поместување да биде мало.

Инфографик на којшто е прикажан очекуваниот ефект од ударот на сондата DART врз орбитата на астероидот Дидим. (фото: NASA/Johns Hopkins APL)

Целиот настан ќе се снима од почеток до самиот крај со помош на инструментите вградени во сондата, но и со “очите” на малата италијанска сонда LICIACube (Light Italian Cubesat) која се одвои од DART на 12 септември со цел да заземе најповолна позиција во просторот за набљудување на ударот. Настанот ќе се обидат да го следат и неколку телескопи од површината на Земјата, меѓу кои и проектот Virtual Telescope, а сè со цел да се забележи дури и најмалата промена во орбитата на астероидот по ударот.

Клучни зборови:
Астероидот Дидим и неговата орбитирачка месечина Диморф.

Астероидот Дидим и неговата орбитирачка месечина Диморф. Сликата е резултат на серија од 243 снимки направени од извидничката и астероидна камера за оптичка навигација Дидим (DRACO) на сондата DART. (извор: NASA/ JPL/ DART)

Инфографик на којшто е прикажан очекуваниот ефект од ударот на сондата DART врз орбитата на астероидот Дидим

Инфографик на којшто е прикажан очекуваниот ефект од ударот на сондата DART врз орбитата на астероидот Дидим. (фото: NASA/Johns Hopkins APL)