Додека научниците и ентузијастите за истражување на вселената беа преокупирани со мисијата Артемида 1 што требаша да ја понесе беспилотната капсула Орион во орбита околу Месечината, речиси 'под радар' ќе поминеа новите спектакуларни слики од галаксијата M74 (NGC 628). Овие невидено детални снимки се сведоштво за моќта на вселенските телескопи, особено кога ќе се впрегнат во заедничко набљудување на еден објект во различни бранови должини. Во случајов, податоците од вселенскиот телескоп Џејмс Веб (на НАСА/ЕСА/ЦСА) и од вселенскиот телескоп Хабл (на НАСА/ЕСА) беа комбинирани за да обезбедат целосен приказ на галаксијата.
Галаксијата Фантом, како што уште се нарекува објектот М74, се наоѓа на приближно 32 милиони светлосни години оддалеченост од нас, во соѕвездието Риби и се наоѓа речиси фронтално поставена накај Земјата. Таа, со нејзините добро дефинирани спирални краци, е честопати главна цел за астрономите кои го проучуваат потеклото и структурата на галактичките спирали.
Трите слики на М74 – набљудувана низ окото на вселенскиот телескоп Хабл (лево), низ окото на JWST (десно) и слика добиена со комбинација од податоците од двата вселенски телескопи
Острото око на Веб откри деликатни филаменти од гас и прашина во грандиозните спирални краци на M74, кои се свиваат нанадвор од центарот на сликата. Недостатокот од гас во јадрениот регион овозможува слободен поглед на ѕвезденото јато во центарот на галаксијата.
Телескопот Веб ја набљудуваше галаксијата М74 со инструментот MIRI, со цел да собере податоци за раните фази на формирање на ѕвезди во локалниот универзум. Овие набљудувања се дел од поголемите напори од меѓународната соработка PHANGS за мапирање во инфрацрвеното подрачје на 19 блиски галаксии со региони во кои се формираат ѕвезди. Овие галаксии веќе биле набљудувани од вселенскиот телескоп Хабл, како и од повеќе терестријални опсерватории. Додавањето на кристално јасните набљудувања од телескопот Веб направени во подрачјето на подолги бранови должини ќе им овозможи на астрономите прецизно да ги лоцираат областите во коишто се формираат ѕвезди во галаксиите, но и прецизно да ги измерат масите и староста на ѕвездените јата, како и да ја разберат природата на малите зрна прашина што се шират во меѓуѕвездениот простор.
Набљудувањата на М74 направени со Хабл открија особено светли области во кои формираат ѕвезди, познати како региони HII. Остриот вид на Хабл во ултравиолетовото подрачје и во подрачјето на видливата светлина ја надополнува огромната чувствителност на окото на Веб во инфрацрвеното браново подрачје должини, но и податоците добиени со набљудувањата од земските радиотелескопи, како телескопот ALMA (Atacama Large Millimeter/submillimeter Array) во Чиле, на пример.
Со комбинирање на податоците од телескопите што набљудуваат во различни делови од електромагнетниот спектар научниците се надеваат дека можат да остварат поголемо разбирање за астрономските објекти, отколку кога би се користеле податоците од само една опсерваторија, колку и да е таа моќна, како што е случајот со вселенскиот телескоп Џејмс Веб.