Ова е најновата ранг-листа според цената на еден киловатчас топлинска енергија од разни извори. Од последната листа, објавена пред неколку месеци, до денес нафтата малку поевтинила, електричната енергија поскапела, но најголем скок на ранг-листата забележуваме кај природниот гас – од некогаш најевтин енергенс, станал втор најскап.
Тие коишто се греат со обични електрични греалки, без акумулација на топлината, многу веројатно ќе навлезат во високата тарифа ВТ4, па така ќе плаќаат и најскап киловатчас топлинска енергија. Практично не смеат ниту да помислат на овој начин на греење. Греењето со термоакумулациони печки со акумулација на ниска тарифа прилично го ублажува овој проблем.
Кај најевтините начини не се земени предвид инвестициските трошоци, коишто прилично влијаат на времето на исплаќање на инвестицијата. Ова особено важи за топлинските пумпи и соларните термални колектори, кои се поголеми и поскапи инсталации. Проблемот е помалку изразен кај инвертер клима уредите, бидејќи се работи за поедноставни и поевтини инсталации, а сепак нудат евтина топлинска енергија. Соларните термални колектори, иако даваат бесплатна топлина имаат и дополнителен проблем, а тоа е несигурното греење во деновите со малку сонце, поради што е потребен резевен извор на топлина.
Сосема очекувано, огревното дрво и печките на цврсто гориво, како најпримитивен и наједноставен начин за греење, имаат веројатно најниски вкупни трошоци уште во првите години, но поради проблемот со загадувањето не претставуваат препорачан начин на греење.
На крајот, да не заборавиме – најдобар начин за намалување на трошоците за греење претставува намалување на топлинските загуби, односно добрата топлинска изолација. Еден или два дополнителни слоеви тервол на таванот се ем едноставни за поставување, ем не чинат многу пари, ем ги намалуваат тековните трошоци за греење во наредните години.