Минијатурниот медицински робот по име МИРА се упатува во вселената за да ги тестира своите хируршки вештини.
Прицврстете се за да не одлебдите, изберете ја потребната процедура, легнете и опуштете се додека вашиот автономен хируршки робот не ве закрпи од која било вселенска болест што ве мачи. Звучи невозможно? Според професорот Шејн Фаритор од Универзитетот во Небраска-Линколн, оваа иднина и не е толку неверојатна како што звучи. Имено, тој штотуку доби средства од НАСА за да го подготви својот минијатурен хируршки робот за патување до Меѓународната вселенска станица (MВС) во 2024 година.
МИРА, акроним од Минијатуризиран in vivo роботски асистент, е релативно мала машина за хирушки намени. Имено, за разлика од досегашните хируршки роботи (за кои пишувавме тука и тука) МИРА е доволно мал за да го собере во експерименталното шкафче на MВС коешто има големина на микробранова рерна. Фаритор и неговите колеги во старт-ап компанијата Virtual Incision, работат на МИРА речиси 20 години. Крајната цел за MIRA е тој да може да извршува операција автономно и управуван од далечина. Овој хируршки робот би можел да донесе далекусежни бенефити при итните теренски операции – без разлика дали итната ситуација е во длабочините на вселената, на некоја земска ‘зафрлена’ локација или, пак, во регион разурнат од војна.
За почеток МИРА нема да оперира на ничие (живо) тело. Откако ќе биде пренесен и поставен на МВС, тој автономно ќе извршува задачи дизајнирани да ги имитираат движењата потребни за операција – сечење истегнати гумени ленти и туркање метални прстени долж жица, итн.
Автономноста е подеднакво важна бидејќи МИРА нема да има потреба за директна комуникација со Земјата. Досега МИРА успешно ги помина тестовите за далечинско оперирање – изврши задачи слични на операција преку далечинско работење, вклучително и ресекција на дебелото црево. Следна дестинација е вселената.
“Работниот престој” на МВС не само што треба да ја даде најавтономната операција досега, туку ќе обезбеди и увид во тоа како таквите уреди би можеле да функционираат во услови на нулта гравитација.
Како што открива Фаритор, целта од соништата е МИРА да функционира целосно самостојно. Само замислете си: „астронаутот чкрапа прекинувач, процесот започнува и роботот сам си ја врши работата. Два часа подоцна, астронаутот го исклучува робитот и сè е готово“.
Како што може да потврди секој што ја видел сцената од филмот „Марсовецот“, еден ваков уред секако би го направил искуството на извлекување шпиц од антена од телото на човек во далечната база на Марс, многу поудобно.