Ви текнува на проектот за хирург-робот за којшто пишувавме пред десетина години? Роботот опишан во Итна помош 2.0, како и некои негови варијанти, веќе одамна се применува во сложените хируршки зафати во голем број земји во светот. Сега, тимот од МИТ разви дополнително ‘low-tech’ решение што ќе ја зголеми ефикасноста на овој робот – нов вид закрпа што овозможува и ефективно зашивање на внатрешните рани на пациентот.
Револуционерната „био-закрпа“ може да се вметне во човечкото тело со минимално инвазивна хируршка процедура со употреба на робот-хирург.
Закрпата опишана на видеото во прилог може да се користи при роботската хирургија овозможувајќи многу побезбедно и поефикасно зашивање на внатрешните ткива од она што е можно денес.
Овој вид закрпа не е некоја апсолутна новина (видете ја само закрпата опишана Закрпа за вашите скршени срца), но употребата на верзиите достапни во моментов не е без контраиндикации. Всушност, голем дел од нив не се погодни за шевови каде што се јавува поголемо оптоварување, а во одредени услови тие можат да придонесат за инфекции и за преобемно формирање на сврзно ткиво за зараснување на раната.
Новата закрпа на МИТ се состои од три различни слоја на материјал – „лепило“ на база на хидрогел, силиконски слој, кој спречува „лепење“ на закрпата на погрешно место и синтетичка обвивка која штити од бактериски инфекции.
Резултатот е многу побезбедна закрпа, која не е подложна на инфекции и не ја губи нејзината леплива карактеристика дури и по подолготрајно потопување во течност.
Процесот на примена на закрпата е мошне едноставен – таа се витка околу „раката“ на хируршкиот робот кој потоа ја носи во внатрешноста на телото, сè до точката на примена. За закрпата да се расплете и да се постави во правилна положба, се користи мал балон кој, со надувување, прави притисок и помага таа да се залепи за ткивата што треба да се запечатат.
Но, пред конечното одобрување за примена на оваа закрпа во хирургијата, ќе бидат потребни дополнителни тестови и истражувања. Потоа истражувачите планираат да соработуваат со производителите на робот-хирурзи во развојот на повеќе модели на закрпи, кои ќе можат да се приспособат на различните инструменти што ги користат овие механички хирурзи.