Рубрика: Астрономија и астронаутика
Првите фотографии од телескопот Веб – ветување за неверојатни астрономски откритија
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 12.07.2022 - 20:00

По синоќешната “претпремиера”, односно претставувањето на првата научна фотографија од вселенскиот телескоп Џејмс Веб, денес во директен пренос бевме сведоци на откривањето на уште 4 нови фотографии од објектите што беа посочени како цели на набљудувањата минатата недела.

Во денешниот директен пренос најнапред беше реобјавена првата научна фотографија од опсерваторијата – првата слика од длабоко поле којашто го опфаќа галактичкото јато SMACS 0723 во досега невидени детали. Фотографијата е направена на инфрацрвениот спектар со досега највисока резолуција, а потоа со комбинација од уште неколку фотографии е добиен конечниот резултат што е презентиран денес. Како и кај другите фотографии од длабоко поле, телескопот се фокусира на набљудување во една точка на небото. На новопретставената фотографија SMACS 0723, видливи се и илјадници нови галаксии и објекти што настанале мошне бргу по Бинг Бенгот.

Втора фотографија што беше претставена е спектрограмот од составот на џиновската егзопланета WASP-96 b. Гасниот џин се наоѓа на оддалеченост од речиси 1150 светлосни години од Земјата, и орбитира околу својата матична ѕвезда на секои 3,4 дена. Со помош на инструментите од телескопот Веб што го открија мошне прецизно составот на нејзината атмосфера, сега знаеме дека на оваа планета има значителен процент на вода, иако во вид на водена пареа.

Деталната фотографија на маглината Јужен прстен (односно “Осум пукнатини“) ги откри последните моменти на една ѕвезда која е на крајот од нејзиниот животен циклус во најситни детали. Набљудувајќи ја маглината во средните инфрацрвени бранови должини, Веб ја откри многу подетално втората, правлива ѕвезда во центарот на маглината (сликата десно). Ѕвездата орбитира мошне блиску околу својот придружник додека периодично исфрла слоеви гас и прашина. Заедно, дуото создало фантастичен пајажинест пејзаж.

Четвртата фотографија е од Стефановиот квинтет и ни дава нов увид во галактичките спојувања и интеракции.

Последна фотографија што беше претставена е од Маглината Карина – една од најголемите и најсветлите маглини на небото, сместена во јужното соѕвездие Карина. Маглините претставуваат ѕвездени јасли, односно места каде се формираат ѕвезди. Маглината Карина е дом на многу масивни ѕвезди, неколку пати поголеми од Сонцето, коишто сега мошне детално можеме директно да ги набљудуваме.

Повеќе детали за секоја од фотографиите во текот на оваа недела