Нашиот напис „Изградба на астрономска опсерваторија во Македонија“ поттикна дискусија во Фејсбук-групата Астрономска опсерваторија во Македонија, во којашто се вклучи и Даниел Анастасов, член на Македонското истражувачко друштво и основач и поранешен член и на Скопското астрономско друштво. Во својот опширен коментар Даниел нè информираше за неколку досегашни иницијативи за Македонска астрономска опсерваторија кои не беа опфатени во написот а кои, секако, заслужуваат поголемо внимание. Овој текст, со дополнителни проширувања од авторот е преточен во статија која е пред вас.
Опсерваторијата Фред Лоренс Випл во Аризона, помала опсерваторија од големо значење за астрономијата
Ќе наведам уште неколку иницијативи отворани низ годините, а кои не се спомнати во текстот. Љубителите на астрономијата, иако малубројни кај нас на времето, во деведесеттите години од минатиот век и на почетокот од новиот милениум беа дисперзирани во повеќе друштва и клубови и тогаш не постоеја социјални мрежи за ваква конзистентна комуникација.
На времето, кога во СФРЈ се правеле анализи за изградба на научна астрономска опсерваторија, од пет можни погодни локации (во зависност од метеоролошки услови и светлосното загадување) на целата територија на федерацијата, четири се наоѓале на територијата на Македонија. Две локации во Овчеполието, една во Мариово и за четвртата не се сеќавам точно, но сите четири локации исполнувале максимални критериуми од аспект на број на сончеви денови (без облаци), просечна годишна релативна влажност на воздухот и оддалеченост од поголеми населени места (светлосно загадување). Но, федерацијата се распадна и овие анализи не вродија со плод.
Професорот Мијат Мијатовиќ и другите основачи на Македонското астрономско друштво - фотографија од основачкото собрание на 14 март 1996 (фото: Астрономски алманах, 2016 година, МАД)
По иницијатива на астрофизичарот Паскал Сотировски за изградба на едукативно-научна опсерваторија за набљудување на Сонцето, на Зајчев Рид е почната изградбата на објект во кој би се сместил телескопот дониран од Франција. Објектот во фаза на изградба е оштетен при Скопскиот земјотрес во 1963 година и изведбата е стопирана, а телескопот многу години потоа стои во депото на Природно математичкиот факултет. Многу подоцна, кон крајот на 90-тите години, имаше иницијатива од страна на професорот астроном Мијат Мијатовиќ, да се изгради објект во склоп на ПМФ, па тука да се инсталира овој веќе застарен инструмент, со цел да служи за едукација на студентите по физика и ентузијастите од астрономските друштва. Но, како што знаеме, професорот прерано нè напушти, во 2000-та година, па и оваа иницијатива не доживеа своја реализација. Едно време стоиштето (стожерот) на телескопот стоеше на терасата, над влезот на ПМФ и телескопот се користеше во одредени ситуации.
Професорот астроном Мијат Мијатовиќ исто така многу делуваше и вложи напори, како за популаризација на самата астрономија како научна и популарна дејност во Македонија, така и за оформување на капацитети и изградба на астрономска опсерваторија. Преку своите професионални но и неформални ангажмани и активности, беше во комуникација со колеги професори од регионот и пошироко. Често раскажуваше дека на одредена научна конференција, во контакт со научници од некоја од поранешните советски републики, дознал дека таа поседува неколку опсерватории со инсталирани инструменти телескопи за кои не се во можност повеќе да обезбедуваат материјални и човечки ресурси за понатамошно користење. Па имале желба да ги оттуѓат инструментите по некои симболични цени, за понатаму да продолжат да се користат на некоја друга локација, во држава која би можела да овозможи такви ресурси. Проблемот со оваа иницијатива би бил од логистички карактер; имено, преземање, транспортот и инсталацијата на еден ваков инструмент би биле значителна инвестиција, земајќи ја предвид осетливоста на материјалите што се употребуваат за изработка на телескопи од научен карактер. Но професорот беше секогаш оптимист и ни кажуваше дека со вистински контакти сѐ би било можно. За жал, професорот Мијатовиќ нѐ напушти прерано, во 2000-та год. па со него и неговите иницијативи не го видоа светлото на денот.
Во 2015 година, по двонеделна активна работа – стружење, чистење на елементите и фарбање – сите елементи од стариот телескоп се во ходникот на инситутот за физика, подготвени за склопување (фото: Астрономски алманах, 2016 година, МАД)
Уште пред формирањето на САД (Скопското астрономско друштво), некаде во 1996 година, додека се консолидираа напорите и се оформуваше самата идеја за друштвото, ентузијастите иницијатори беа во непосредна комуникација со наставниот кадар од Институтот по физика на ПМФ и катедрата по астрономија (меѓу кои и професорот Мијатовиќ) и малку подоцна и со персоналот при Планетариумот во МКЦ – Скопје. Првичната идеја и предлог-проект за простории на друштвото беше за стражарската кула од Скопското кале да се приспособи во соработка со град Скопје, каде што би имало простории на друштвото и, најгоре, граѓанско-едукативна опсерваторија. Имаше премерување и увид во состојбите на кулата од наша страна и претставување на идејата до Собранието на Град Скопје и Управата за заштита на историски споменици. Заедничкиот заклучок беше дека идејата е одлична, но прво да се формира друштвото, па подоцна да се настапи преку тој субјект и да се пристапи кон реализација. Друштвото беше формирано во декември 1998, но плановите се сменија поради дополнителни проценки од безбедносен/логистички карактер и почетокот на реставрација на Калето.
Кон крајот на 1999 година имаше конкретен проект, презентиран од претставници на САД во собранието на град Скопје, за изградба на научно-популарен комплекс на врвот на Водно, во чии рамки би влегувале нов планетариум и научно-едукативна опсерваторија. Тогаш излегоа во јавност првите информации за изградба на жичница кон врвот на Водно, па членовите на САД побрзаа за да се надоврзат со конкретна идеја кон тоа, за целокупно да се заокружи таа иницијатива од еден поголем аспект. Од претставниците на Градското собрание и самиот тогашен градоначалник Ристо Пенов беа воодушевени од идејата, но откако по 3 месеци неколкупати безуспешно се обидувавме да стапиме повторно во комуникација и да ги придвижиме работите, самиот градоначалник излезе во јавност со објава за почеток на нивниот „генијален” проект – Милениумскиот крст. Со реализацијата на овој проект на врвот на Водно, практично се запечати изградба на каква било понапредна опсерваторија на истата локација. На тековните состаноци на друштвото се разговараше дури и за организирање на мирен протест против изградбата на крстот, а за изградба на опсерваторијата.
Монтирање на стариот телескоп, дониран во '60-тите години од Франција, на терастата над влезот на ПМФ
Можеби најконкретната иницијатива, со најголеми шанси за реализација што мене лично ми е позната е онаа на професорите Ненад Новковски (проф. на Институтот по физика при ПМФ – Скопје, но тогашен министер за наука и образование во владата на Македонија), Дончо Гершановски (професор на Институтот по физика при ПМФ – Скопје, тогашен продекан) и раководителот на Скопскиот планетариум, физичарот Ѓоре Ценев. Нивната иницијатива беше да се реализира изградба на научно-популарен комплекс во чиј склоп би влегле планетариум и опсерваторија од граѓанско-едукативен карактер на локација западно оддалечена од самиот врв и Милениумскиот крст, со што во некоја рака би се избегнало светлосното загадување на самиот крст. Оваа иницијатива би се остварила со комбинирани средства, дел од буџетот на Македонија, дел од буџетот на Град Скопје и по потреба надополнета преку повик за приватни донации од домашни и странски ентузијасти. Во реализацијата било предвидено да соработуваат три субјекти, Владата на Македонија, ПМФ – Скопје и Планетариумот при МКЦ. Проектот во иницијална фаза е започнат со планирање и сите субјекти пристапуваат кон почетно обезбедување на капацитети за реализација. Во Владата на Македонија се зацртува планирање на дел од буџетските средства, ПМФ пристапува кон проектно планирање и обезбедување основни инструменти за мерење на метеоролошки параметри, Планетариумот пристапува кон теренски увид за утврдување на локацијата и мерење на метеоролошките параметри, како и комуникација со градската администрација. Но како што на сите ни е познато, во 2001 година започна вооружениот конфликт, кој беше проследен со безбедносна и економска криза, па целиот овој проект пропадна поради пренамена на буџетските ресурси во фокус на кризата.
Телескопот е целосно склопен и сјае во новата боја, на терасата над влезот на ПМФ. По точно 60 години тој повторно блеска во целата своја големина (фото: Астрономски алманах, 2016 година, МАД)
25 октомври 2015 – првата астро-забава на ПМФ и конечно еден научен инструмент што со децении лежел заборавен низ времето ја наоѓа сопствената цел и намена (фото: Астрономски алманах, 2016 година, МАД)
Печатен предлог-проект за изградба на опсерваторија беше презентиран од страна на физичарот Ѓоре Ценев и МИД (Македонското истражувачко друштво) во неколку странски фондации и во други субјекти од сличен вид, кои имале отворени конкурси за помош при реализација на јавни инфраструктурни/технички проекти. Но, секогаш, и покрај првичното воодушевување, сме биле одбивани со изговорот дека тие финансираат проекти за подобрување на јавната инфраструктура кои во моментот се многу попотребни во Македонија отколку таков луксуз каков што би бил еден проект за изградба на научна/граѓанска астрономска опсерваторија. Во астрономското списание Вселена, кое излегуваше во печат во 2003 и 2004 година, чиј главен и одговорен уредник беше самиот Ѓоре Ценев, а редакцијата ги опфаќаше и останатите членовите на МИД, секогаш имаше простор и се посветуваа написи и статии со фокус кон потребата за изградба на астрономска опсерваторија на територијата на Македонија. Членовите на ова друштво, од кои дел беа и соработници на Планетариумот во Скопје, секогаш и во секоја пригода при научно-популарни предавања и гостувања во медиумите ја истакнуваа потребата од изградба на астрономска опсерваторија во Македонија.
Генерално тука и ќе завршам со излагањето околу овие иницијативи за кои знам дека постоеле или пак лично сум бил инволвиран низ годините. Во денешно време имаме на достап и комуникација преку социјалните мрежи. Па, ако некој прочита и воочи дека нешто сум испуштил или пак моето сеќавање погрешно ме послужило, ќе замолам да се надоврзе за да се добие поточна и пооформена слика на оваа тематика.
Стариот телескоп на терастата на ПМФ
Извор за дел од информациите и фотографиите: Астрономски алманах од 2016 година, во издание на Македонското астрономско друштво
Телескопот е целосно склопен и сјае во новата боја, на терасата над влезот на ПМФ. По точно 60 години тој повторно блеска во целата своја големина (фото: Астрономски алманах, 2016 година, МАД)