До овој заклучок дошла група научници кои направиле анализа на релевантните студии на оваа тема објавени до денес. Анализата, која е публикувана во Journal of Obstetrics and Gynaecology Research, опфаќа 24 истражувања за консумирањето кафе со 9833 нови случаи на рак на ендометриумот детектирани во група од вкупно 699 234 лица.
Жените во групата што консумирала најголема количина кафе имале 29% помал релативен ризик за развој на рак на ендометриумот од оние во најниската категорија. Исто така, според анализата кафето со кофеин можело да обезбеди подобра заштита од кафето без кофеин.
Авторите на анализата истакнуваат повеќе механизми кои се поврзани со потенцијалните антиканцерогени ефекти на кафето. Но, на крај додаваат дека “се потребни дополнителни истражувања од поголем опсег за да се добијат повеќе информации во врска со придобивките од пиењето кафе во однос на ризикот од рак на ендометриумот“.